Лидерите на Европската унија побараа од Европската комисија (ЕК) да подготви предлог за покривање на дополнителните финансиски потреби на Украина за претстојниот период, изјави синоќа претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Тој го изјави ова по средбата со лидерите на ЕУ во Брисел.
„Бараме од Комисијата да излезе со предлог за покривање на дополнителните финансиски потреби на Украина за 2027 година“, рече Кошта.
Зборувајќи за поддршката на ЕУ за Украина, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, синоќа изјави дека оваа помош е поважна од кога било, бидејќи Русија ја тестира отпорноста на Украина и ја загрозува нејзината економија.
На заедничката прес-конференција со Кошта, по завршувањето на состанокот на Европскиот совет, Фон дер Лајен нагласи дека ЕУ го забрзува доставувањето помош за Украина за да се задоволат нејзините најитни потреби.
„Заемот за поддршка на Украина дава резултати. Во рамките на одбранбената компонента на овој заем, веќе исплативме речиси 16 милијарди евра“, изјави Фон дер Лајен, додавајќи дека Брисел продолжува да го поддржува украинскиот буџет.
Таа додаде дека до крајот на годината би можеле да бидат исплатени дополнителни 17 милијарди евра за Украина, под услов Киев да ги спроведе потребните реформи. „Европа прави многу. Но, реалноста е едноставна: сè додека трае оваа војна, финансиските потреби на Украина ќе продолжат да растат“, истакна Фон дер Лајен, напоменувајќи дека ЕУ и нејзините земји-членки моментално обезбедуваат 80 отсто од надворешната помош за Украина.

