Вечерва, на 23 ноември, со почеток во 20 часот, во Кинотеката на Македонија, ќе се оджи проекција на „ЈУГО ОДИ ВО АМЕРИКА“ (Yugo ide u Ameriku), документарна комедија што го носи култниот југословенски автомобил на американските патишта. Оваа српско-хрватска продукција од 2026 година, во траење од 87 минути, ги поврзува авантурата, пријателството и прашањата за наследството што го носиме со себе.
Група млади луѓе од Србија тргнуваат од Њујорк кон Лос Анџелес со автомобил чија репутација одамна ги надминала неговите димензии. По пат среќаваат љубители на „југо“, поранешни увозници, Американци и иселеници од постјугословенските земји. Меѓу посетите на механичари и неочекуваните познанства, нивната авантура отвора простор за размислување за успехот, неуспехот, припадноста и американскиот сон. Што се случува кога симбол од едно исчезнато општество ќе тргне во потрага по нова приказна?
Режијата ја потпишуваат Филип Грујиќ и Алекса Борковиќ, а сценариото е на Филип Грујиќ. Пред камерата, како документарни учесници, се појавуваат Филип Грујиќ, Алекса Борковиќ, Александар Блажиќ и Ивана Финци. Авторите истовремено го создаваат филмот и стануваат дел од неговото патување, во кое личните искуства се преплетуваат со необичната историја на автомобилот.
Филмот ја имаше светската премиера во програмата „Special Premieres“ на CPH:DOX 2026 во Копенхаген, а на Белдокс 2026 ги освои Наградата на публиката за најдобар европски филм и специјалното признание на младинското жири во програмата Teen.

