Изложбата „Меко ткиво“ на уметницата Јана Куновска ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Отвореното графичко студио при Музејот на град Скопје.
Насловот е преземен од истоимената песна на српскиот поет Владан Миљковиќ и претставува метафора за човечката егзистенција. Ткивото е претставено како структура што поврзува, обединува и одржува, но истовремено е чувствително, ранливо и подложно на промени.
Мекоста, според концептот на изложбата, не означува слабост, туку можност за допир, сочувство и поврзаност со другите. Таа е невидливата материја што ги поврзува живите суштества и им овозможува да чувствуваат, препознаваат и споделуваат.
Изложбата се развива низ два меѓусебно поврзани изразни сегмента – сликарски и концептуален, кои комплементарно се надополнуваат. Сликите создаваат свет на препознатливи форми со широко симболично значење, додека инсталацијата од огледала во галерискиот простор претставува мост меѓу материјалното и нематеријалното, интимното доживување и бесконечноста на неговите можни одрази.

