Москва сериозно ќе преговара за прекин на војната во Украина само доколку биде ставена под притисок, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц, откако американскиот претседател Доналд Трамп објави договор со Москва за испораките на дизел гориво од Русија.
Мерц оцени дека Русија, како одговор на предлогот на Трамп за прекин на нападите врз енергетската инфраструктура, извршила масовни напади врз украински енергетски објекти наменети за цивилни цели.
Германскиот канцелар воедно ја потврди поддршката на Германија и Европа за украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Мерц се осврна и на ветувањата на Трамп, дадени на почетокот на неговиот втор претседателски мандат, дека ќе стави крај на војната во Украина за само неколку дена.
„За жал, конфликтот во Украина не е завршен, иако тоа беше целта што претседателот Трамп си ја постави уште на почетокот на неговиот втор мандат – да стави крај на војната во рок од неколку дена“, изјави Мерц.
Тој информираше дека советниците за надворешна политика на лидерите на Велика Британија, Франција и Германија во текот на викендот ги посетиле САД, каде разговарале за ситуацијата со американската администрација.
„Продолжуваме неуморно да бараме заеднички пристап што ќе помогне да се стави крај на оваа војна“, порача германскиот канцелар.

