Портпаролката на Владата, Марија Митева, на денешната прес-конференција испровоцирана од силните негодувања во јавноста соопшти дека настаните организирани по повод независноста на државата чинеле околу 5.530.000 евра, односно 340 милиони денари. Од нив главнината е дивиденда на „Лотарија“ од 2024 година (300 милиони денари), а околу 40 милиони денари се донации од „општествено одговорни компании“ кои, како што нагласи Митева, не се криеле и јавно стоеле зад целиот настан.
Со тоа се потврдија информациите и за сумата на потрошените пари, и за начинот на кој беа обезбедени, а разликата е само во тоа што јавноста ги смета за пари на граѓаните средствата на „Лотарија“, а Владата – дека не се, односно дека прославата не ги чинела ништо.
Митева исто така тврдеше дека „Авалон“, како организатор на прославата е носителот на дејноста, а компанијата „Стардаст“ ДООЕЛ, која добил пари на име спонзорство од „Лотарија“, е само правен субјект, односно дека тие се едно исто. Таа тврдеше, исто така, дека за споредба со минатото кога се правеле вакви прослави, сега постапката била транспарентна и отчетна, споменувајќи 8,2 милиони евра потрошени од Артан Груби и Перпарим Бајрами за прослава кои „отишле во ветер“, без да спомне дека на двајцата во моментов им се суди.
Прес-конференцијата започна со долго и несмасно извинување и умилкување на сопственикот на „Авалон“, Бобан Милошески, кон новинарката од „Слободен печат“ за обвинувањето дека нејзиното прашање колку чинела прославата – е провокација.
„За реализацијата на настаните за прославата на 35 години независност на државата не се потрошени буџетски средста, трошокот за овие настани не ги чини граѓаните и ова е лесно проверлива информација“, рече на почетокот Митева.
Таа рече дека на 167. седница на Владата, одржана на 28 април 2026 година, биле утврдени активностите за одбележувањето на јубилејот, меѓу кои настап на светски артист од А класа пред минимум 30 илјади посетители, уште еден настан со интернационална ѕвезда и најмалку 12 настани низ државата.
„Со истиот заклучок беше укажано на Државна лотарија да обезбеди средства од нераспределената добивка предвидена за 2024 година во висина од 300 милиони денари за спонзорирање на настаните“, изјави Митева.
Според неа, Државна лотарија имала обврска и да објави јавен повик за прибирање понуди за реализација на спонзорираните настани.
Митева нагласи дека станува збор за средства од добивката на државното акционерско друштво, а не за пари директно повлечени од Буџетот за финансирање на прославата.
На прес-конференцијата директорот на Државна лотарија Александар Климовски ги презентираше сите правни основи и одлуки од постапката.

