Следните парламентарни избори ќе бидат во април 2028 година, а мојот мандат како претседател на Владата завршува за нешто повеќе од една година, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски во гостување на „Топ тема“ на ТВ Телма, одговарајќи на прашање дали најавената кампања на ВМРО-ДПМНЕ за активности на терен со посети на сите населени е подготовка на предвремени избори.
Според него, целта на кампањата е партијата да слушне од граѓаните што е тоа што недостига и да се подобри, за да можеме во овој меѓупериод да се подобри во своите политики, а и дел да вклучи во програмата за следните избори, кои ќе бидат во април 2028 година.
„Некаде крајот на декември 2027 година ние имаме избор на техничка влада, така што би рекол дека мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година и еден месец и логично е дека и јас како претседател на Владата и Владата сакаме да слушнеме и онаму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни ако е тоа возможно во овој период, ако не, во следниот мандат, така што тоа е целта на оваа теренска активност очи в очи го граѓаните“, изјави Мицкоски.
Сепак, тој нагласи дека ако „здружената опозиција СДСМ-Левица-ДУИ“ поднесе иницијатива за распуштање на Парламентот, ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи.
„Одиме на предвремени избори, договараме датум, и тоа е тоа. Ние работиме како да имаме редовни парламентарни избори пролетта во 2028 година. Многу едноставно, нема простор за теории за заговори и сценарија. И да напушти Максим Димитриевски, владата има 61 пратеник и повеќе од 61 пратеник“, рече Мицкоски.

