Со камен темелник денеска официјално беше означен почетокот на изградбата на автопатската делница од Скопје до Блаце која ќе ја гради домашната компанија „Гранит“ за околу четири години.
Треба да се изградата вкупно 10,5 километри траса која поради тоа што поминува низ ридско планиски предел ќе има пет тунели, осум моста, 11 потпатници, 4 галерии и 9 потпорни ѕидови.
За власта е проект од историско значење којшто бил нивни приоритет кога пред две години дојдоа на власт, а за опозициската ДУИ е проект којшто е започнат во нивно време, а власта ја почнува изградбата по две години.
Мојата прва порака којашто денеска сакам да ја испратам е дека по нешто повеќе од 20 години овој проект станува реалност. Реалност на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ, ветување коешто беше дадено на почетокот на оваа Влада, беше дел од клучните приоритети на работата на оваа Влада и очекувам многу скоро од денеска да видиме значителен прогрес на работите на терен и во рекордно време, се разбира, овој проект да биде реализиран. Исто така, во рамките на оваа прва порака, би сакал да го изразам своето задоволство што македонска компанија ќе ги изведува градежните работи на овој проект, рече премиерот Христијан Мицкоски на официјалниот старт на изградбата.
Од ДУИ пак со став – проектот е почнат и тендериран од претходната власт со вредност од околу 183 милиони евра, а две години подоцна почнува да се гради за околу 210 милиони евра.
Проектот којшто го критикуваат не е сменет ниту за 0,1 процент. Трасата е иста, проектот е ист, автопатот е ист. Единствените работи што се променети се две години доцнење и околу 30 милиони евра повеќе од парите на граѓаните. Влен мора да одговори зошто две години беше блокиран проектот и зошто денес истиот проект чини околу 30 милиони евра повеќе, изјави Арта Зендели од ДУИ.

