Врховниот суд ја објави одлуката со која го врати на повторно судење предметот за бесправна градба во Општина Карпош за што на затворска казна беше осуден поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски.
Според образложението, ниту Кривичниот суд, ниту Апелација не утврдиле дали административниот објект на локалната самоуправа бил од траен или времен карактер за да можат да му судат на Јакимовски за „бесправно градење“.
Според овој суд, во конкретниот случај не е точно утврден видот на деловниот објект, па врз основа на тоа да се даде одговор дали за поставениот монтажен објект било потребно одобрение за градба кои факти се од значење за утврдување на постоењето на елементите на кривичното дело кое му се става на товар. Судот врз основа на доказите кои се изведени во текот на постапката треба јасно да го утврди типот на објектот и неговиот правен статус, а особено имајќи ги предвид градежно-техничките карактеристики и материјали и намената. Ова од причина за да се утврди дали се работи за траен објект за кој е потребно дозвола за градење или евентуално се работи за времен објект за кој било потребно одобрение за поставување, наведува Врховниот суд.

