Научниците веруваат дека ги имаат првите траги од движење на Тираносаурус рекс (Ти-рекс), откако наставникот Кент Хапс во југозападниот дел на американската сојузна држава Северна Дакота, случајно открил четири големи фосилизирани отпечатоци од стапала на овој вид диносаурус.
Фосилни остатоци на еден од најголемите месојадни диносауруси на сите времиња, Ти-рекс се наоѓани и претходно, но ова е првпат да бидат пронајдени од отпечатоци од неговите стапала.
Ова е од прочина што отпечатоците ретко се зачувуваат доволно долго за да фосилизираат. Дури и кога ќе се пронајдат отпечатоци, тешко е да се утврди кој ги оставил. Почвата се менува, многу диносауруси имале слични стапала и канџи, а коските често не се наоѓаат во истата област каде што се отпечатоците.
На светско ниво, досега се откриени само два изолирани отпечатоци на возрасни единки на Ти-рекс и тоа во американските сојузни држави Монтана и Вајоминг, но ова е првпат да се пронајдени траги од движење на „кралот на диносаурусите“.
Четири отпечатоци со по три прста
Станува збор за четири големи фосилизирани отпечатоци на растојание од 7 метри, пронајдени во близина на градот Мармат во Северна Дакота, недалеку од границата со Монтана. Областа е познатата како Хел Крик и е едно од најважните наоѓалишта на фосили од диносауруси во светот.

Отпечатоците ги откри Кент Хапс, наставник во средното училиште „Нортглен“ во Колорадо, кој со години волонтира во Природо-научниот музеј во Денвер.
Откриените отпечатоците имаат по три прста, а секој од нив е долг приближно 90 сантиметри. Врз основа на нивната големина и форма, Хапс претпоставил дека можеби му припаѓаат на Ти-рекс. Покрај тоа, во близина биле пронајдени и невообичаено голем број коски од тираносаурус.
По откритието, научници од Природо-научниот музеј во Денвер со помош на 3Д-скенирања со висока резолуција ги документирале сите отпечатоци и целата патека по која се движело животното. Овие дигитални модели им овозможија детално да ги проучат трагите и околината, како и да изработат физички 3Д-репродукции.
Сите податоци биле испратени до Питер Фалкингем, професор по палеобиологија на Универзитетот „Џон Мурс“ во британскиот град Ливерпул и експерт за траги од диносауруси. Тој ги анализираше податоците и заклучи дека станува збор за траги оставени од возрасен тираносаурус.
Со брзина на одење
Според истражувачите, станува збор за два леви и два десни отпечатоци, за кои се претпоставува дека се стари 66,5 милиони години. Тие биле оставени од тираносаурус со тежина од околу 7.000 килограми. Нивната одлична зачуваност се должи на уникатниот песочен карактер на почвата на локалитетот, кој овозможил кристализација и таложење на минерали.

Иако трагите се во добра состојба, тешко е да се извлечат прецизни заклучоци за брзината со која се движел тираносаурусот додека ги оставал. Отпечатоците укажуваат на тоа дека колкот се наоѓал на висина од четири метри, а должината на чекорот изнесувала приближно четири метри.
Истражувачите пресметале дека животното веројатно се движело со брзина од околу 1,5 до 2 метри во секунда или побавно, односно со брзина на одење. Сепак, тие веднаш напоменуваат дека станува збор за груба проценка.
Сè уште не е јасно дали ова може да фрли повеќе светлина врз претпоставката дека тираносаурусот се движел потпирајќи се на прстите од нозете.
Три од откриените отпечатоци ќе бидат извадени со хеликоптер подоцна оваа година и пренесени во Музејот во Денвер.
Тираносаурус рекс – „кралот на диносаурусите“
Тираносаурус рекс е веројатно еден од најпознатите диносауруси. Живеел пред 66 до 68 милиони години. Благодарение на бројните фосили, научниците сметаат дека имаат прилично добра претстава за тоа како изгледал.

Возрасните единки биле долги од 12 до 13 метри, високи од четири до пет метри и тежеле меѓу 4.000 и 8.000 килограми. Се движел на високи и цврсти задни нозе и имал релативно мали предни екстремитети. Тираносаурус рекс имал моќни вилици и заби долги од 15 до 18 сантиметри.
Тираносаурус рекс бил месојад. Неговата репутација на интелигентен и опасен ловец се должи на огромната сила на загризување, но и на одличниот вид и сетило за мирис.
Најважните локалитети со остатоци од тираносаурус рекс се наоѓаат на територијата на денешна Северна Америка.

