Националниот џез оркестар на Македонија денеска ќе настапи на завршната вечер на 35. издание на фестивалот Guimarães Jazz во Португалија, еден од најзначајните џез-фестивали во Европа.
Концертот ќе се одржи во Centro Cultural Vila Flor во Гимараеш, каде оркестарот ќе настапи заедно со американскиот џез-вокалист Курт Елинг, под диригентска палка на Џијан Емин.
Според организаторите, настапот ќе претставува спој на препознатливиот вокален израз на Елинг и оркестарскиот звук на Националниот џез оркестар на главната фестивалска сцена.
Курт Елинг важи за едно од најзначајните имиња на современата џез-сцена, со кариера долга повеќе од три децении. Во текот на својата кариера соработувал со бројни светски џез-музичари, меѓу кои Бранфорд Марсалис и Данило Перез, а настапувал и со реномирани оркестри, вклучително и Њујоршката филхармонија. Добитник е на две награди „Греми“ за најдобар џез-вокален албум.
Од Националниот џез оркестар посочуваат дека со овој настап продолжуваат да ја претставуваат македонската џез-сцена на европските музички фестивали и сцени, рамо до рамо со врвни светски уметници.

