Единаесет лица загинаа во градот Дурбан во источниот дел на Јужна Африка, кога двајца вооружени мажи упаднале во куќа каде што се одржувала забава и отвориле оган врз присутните, соопштија локалните власти.
Дополнително, напаѓачите опожариле и автомобил на една од жртвите, паркиран пред куќата. Нападот го преживеале само тројца од учесниците на пославата, кои се здобиле со прострелни рани.
Според локалната телевизија и-Ен-Си-Еј, жртвите, меѓу кои и една бремена жена, славеле во куќата кога вооружени напаѓачите упаднале во неа, синоќа нешто пред 23 часот по локлно време, и почнале да пукаат.
Полицијата соопшти дека некои од жртвите им биле познати на безбедносните служби поради сомнежи за поврзаност со незаконски активности.
„Иако мотивот за пукањето сè уште не е потврден, не може да се исклучи можноста за конфликт меѓу ривалски групи“, се наведува во полициското соопштение.
Во Јужна Африка огненото оружје, како легално, така и нелегално, е широко распространето, па престрелките и нападите се честа појава, особено поради ривалството меѓу бандите и конкурентите во сивата економија. Во престрелка во јуни годинава загинаа 12 лица.
Земјата ја има една од највисоките стапки на убиства во светот, со приближно 60 жртви дневно на население од околу 62 милиони жители.

