Јеменските шиитски бунтовници Хутите се заканија со напади врз американските интереси во регионот на Блискиот Исток, доколку САД ѝ помогнат на Саудиска Арабија со воздушна поддршка или акции во Јемен.
Воен советник од Министерството за одбрана во „Владата“ на Хутите изјави дека и евентуална американска интервенција во теснецот Баб ел-Мандеб, исто така, би претставувала „црвена линија“ за бунтовниците.
„Во таков случај цел би биле сите американски интереси околу нас“, нагласи тој.
Хутите се во судир со Саудиска Арабија, која во Граѓанската војна во Јемен, што трае повеќе од 10 години, ги поддржува силите на меѓународно признатата јеменска Влада.
Во последните недели, Хутите зазедоа повеќе територии на источниот брег на Црвеното Море во југозападен Јемен, како и неколку острови во теснецот Баб ел-Мандеб, а и извршија серија воздушни напади врз цели во Саудиска Арабија.
Баб ел-Мандеб ги поврзува Суецкиот Канал и Црвеното Море со Аденскиот Залив и Индискиот Океан и низ него минуваат главните поморски трговски врски меѓу Европа и Азија. Теснецот е важен за меѓународната трговија, а особено за Саудиска Арабија, која е најголемиот извозник на нафта.
Изминативе месеци важноста на Баб ел-Мандеб дополнително се зголеми, поради блокадата на Хормуцкиот Теснец од страна на Иран, што речиси целосно го ограничи извозот на нафта и течен гас од земјите во Персискиот Залив.

