Само што почна и веднаш беше одложи судското рочиште за поранешниот вицепремиер Артан Груби кој заедно со уште седум лица е осомничен за злоупотреби во „Државна лотарија“.
Груби со полициска придружба денеска беше донесен во Кривичниот суд во Скопје, но само што судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски ги прочита основните податоци за обвинетите, на барање на еден од адвокатите на одбраната, беше одложено рочиштето.
Дел од адвокатите на обвинетите посочија дека не го добиле обвинителниот акт, како и дека не им биле дадени на увид доказите на Јавното обвинителство.
Судијката Биљана Шуплиновска Јолевски образложи дека доказниот материјал е обемен и содржи 231 материјален и седум вербални докази. Поради обемот, доказите не биле испратени по пошта, туку биле обезбедени во кутии во Судот, од каде што бранителите можат да ги подигнат и да извршат увид.
Бидејќи станува збор за притворски предмет, на бранителите ќе им бидат дадени околу десет дена за да се запознаат со доказите, по што е предвидено рочишта да се одржуваат двапати неделно.
Покрај Груби во случајот се обвинети и Перпетим Бајрами, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Мехмети, Фатмир Рамафановски, Александар Димитровски и Башким Авди.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август годинава поднесе обвинителен предлог против осумте лица, кои, како што се наведува, во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ во значителна вредност од 507.632.173 денари (околу 8,2 милиони евра).
На сите обвинети им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 5 в. в. став 4 в. в. став 1 в. в. член 22 од Кривичниот законик за кое е предвидена затворска казна од најмногу пет години.
За првообвинетиот, поранешен директор на „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами, кој е во бегство, Обвинителството бара да му биде определена мерка притвор по пронаоѓање во траење од 30 дена, а за вториот обвинет Артан Груби предложено е продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, која му е определена заедно со мерката привремено одземање патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце. По распит во Обвинителството, Груби, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини, доби куќен притвор.
Останатите обвинети се поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски и петмината членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Обвинението пред судот го застапуваат обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје, кои Обвинителите најавија изведување на 231 материјални докази, вештачења и искази на седум сведоци.

