Само што почна и веднаш се одложи судското рочиште за поранешниот вицепремиер Артан Груби кој заедно со уште седум лица е осомничен за злоупотреби во „Државна лотарија“.
Груби со полициска придружба денеска беше донесен во Кривичниот суд во Скопје, но само што судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски ги прочита основните податоци за обвинетите, на барање на еден од адвокатите на одбраната, беше одложено рочиштето.
Првообвинетиот – поранешниот директор на Државна лотарија Перпарим Бајрами, е во бегство и нему ќе му се суди во отсуство.
Меѓу обвинетите е и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и петмина членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Обвинителство има вкупно 231 материјален доказ и седуммина сведоци. Доказниот материјал беше донесен во осум картонски кутии.
Обвинението беше поднесено на 13 август, а на сите обвинети им се суди за злоупотреба на службената положба за што е предвидена поблага затворска казна во однос на сомневањата во истражната постапка за проневера во службата за што се предвидени повисоки затвориски казни.

