Филмот „Џган“ по сценарио и во режија на Вардан Тозија, годинава одбележува 10 години од светската премиера, кога првпат беше прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, па по тој повод утре вечер јубилејот ќе биде одбележан со проекција на филмското остварување на „Rooftop Open Air Cinema“, на отворената катна гаража во Скопје Сити Мол со почеток во 20.30 часот.
Веднаш по проекцијата ќе биде организирана интерактивна сесија разговори со филмската екипа на „Џган“ и публиката, а потоа и дружење во чест на јубилејот.
Во пресрет на јубилејот режисерот и сценарист Вардан Тозија вели дека „Џган“ настана „како крик на очај и гнев од времето во кое живееме, од мрачните настани и луѓето, кои ги дефинираа нашите животи… и, пред сè, од нашиот кукавички молк да смениме нешто низ сите тие раздобја, па сè до денес“.

„Во филмот, тој молк го прекинуваат токму најранливите — „пацовите“ фрлени на маргините, кои му возвраќаат на системот на единствениот начин што го знаат. „Џган“ е снимен со огромна посветеност и љубов, низ исклучително тежок процес, во кој, на некој начин, мазохистички уживавме. Прекрасно е чувството повторно да се види филмот на големо платно, во летното кино на Синеплекс под отворено небо и заедно да ја одбележиме неговата десетгодишнина“, истакна Тозија.
Приказната на филмот следи низа свирепи околности, кои тивкото и повлечено момче го претвораат во суров и бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од Домот за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот, зад ѕидовите на Домот, кој им нанел само болка и страдање. Свет, во кој за нив постои само едно заедничко име – „Џган“.
За овој повод, продуцентот на филмот Огнен Антов вели дека кога денес го гледа „Џган“, не гледа филм од пред 10 години, туку приказна, која не застарела во ниту еден кадар.

“Тоа е реткост, и признавам дека тогаш, кога го снимавме, не бев целосно свесен што сме направиле. Најголемата награда за мене, не е онаа од фестивалите, туку кога млад филмаџија ќе ми каже дека токму „Џган“ му бил инспирација. Затоа и после 10 години сакам новите генерации да го видат и да доживеат дека ЏГАН сè уште удира силно. Некои филмови стареат. Овој филм мислам дека само чека публиката повторно да го открие“, додава Антов.
Македонски продуцент на филмот е „Дрим Фектори“, ко-продуцент на филмот е „Red helicopter films“ од Албанија. Филмот беше финансиски поддржан и од македонската Агенција за филм и SEE Cinema network.
Главните улоги ги толкуваат Мартин Ѓоргоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски, а во филмот настапуваат и актерите Сара Климоска, Љупчо Тодоровски, Адем Карага, Горан Стојановски, Игор Стојчевски, Борис Дамовски, Марија Кондовска, Ристо Буразденов, Мартин Живковски…

Под максимата „Никој не е роден насилен“, Вардан Тозија го напиша сценариото и ја потпиша режијата на филмот. Дизајнот на шминка и маски ги изработи Горан Игњатовски, костимограф е Жаклина Крстевска, дизајнер на звук е Игор Поповски, авторската музика е на Александар Пејовски, сценографијата е дело на Кирил Спасески, директор на фотографија е Владимир Самоиловски, монтажер е Атанас Ѓеоргиев, кастингот го работеше Кирјана Николовска, а продуцент на филмот е Огнен Антов од „Дрим Фектори“.
Билети за јубилејната проекција на филмот пуштени се во продажба на билетарницата на киното Синеплекс во Скопје Сити Мол и онлајн на https://cineplexx.mk/film/dzgan?location=all&event=Dzgan+10+godini&date=2026-08-25

