Директорот на Светската програма за храна (WFP), Лук Линдберг, предупреди дека тесните грла во превозот поврзани со војните на Блискиот Исток и Украина би можеле да ги зголемат трошоците на агенцијата за 727 милиони долари до средината на 2027 година, загрозувајќи ги испораките на храна за дополнителни 7,3 милиони луѓе.
Линдберг, номиниран од американскиот претседател Доналд Трамп и назначен од Обединетите нации во септември да раководи со најголемата хуманитарна агенција во светот, повика на нови напори за обезбедување хуманитарни пратки од украинско и руско жито преку Црното Море, предлагајќи модел сличен на иницијативата посредувана од ОН што траеше од 2022 до 2023 година.
Линдберг изјави пред Советот за безбедност на ООН дека ограничувањата за извоз на храна и земјоделски суровини – кои минуваат низ Ормутскиот теснец, Баб ел-Мандеб и Црното Море – се дополнително влошени од климатските нарушувања како што е феноменот Ел Нињо.
„Ова е незамисливо сценарио кое доаѓа во најлошото можно време“, рече Линдберг, поранешен службеник на Министерството за земјоделство на САД. Тој ги повика дипломатите да се фокусираат на наоѓање брзи решенија за да се осигура дека околу 10 милиони тони украинско и руско жито што веќе се во силоси ќе стигнат до луѓето на кои им е потребна помош.
Тој истакна дека 266 милиони луѓе низ целиот свет веќе страдаат од акутен глад, а постои ризик од глад во делови од Судан, Јужен Судан и Сомалија.
Во интервју за агенцијата Ројтерс, Линдберг нагласи дека е клучно да се реши ситуацијата во регионот на Црното Море – еден од светските „житници“ – чии житарки се од витално значење за земји како Сомалија и Јемен, кои увезуваат дури 90 проценти од својата храна.
Линдберг ги повикува дипломатите да воспостават хуманитарен коридор
Тој ги повика дипломатите да работат на воспоставување хуманитарен коридор сличен на „Иницијативата за жито од Црното Море“. Станува збор за договор постигнат со посредство на ОН во јули 2022 година, со кој се овозможи безбеден извоз на речиси 33 милиони метрички тони украинско жито. Русија се повлече од договорот во 2023 година, наведувајќи сериозни пречки за сопствениот извоз на храна и ѓубрива.
Линдберг за Ројтерс изјави дека секој обновен договор ќе мора да ги опфаќа и рускиот и украинскиот извоз за да биде прифатен.
„Неодржливо е силосите за жито во Украина, Полска и регионот да бидат полни, додека луѓето во другите делови од светот се гладни… Доколку се постигне дипломатско решение, ние сме подготвени да овозможиме транспорт на жито и од Русија и од Украина“, рече тој.
Шефот на Светската програма за храна (WFP) додаде дека годинава има нагло намалување на пратките храна преку Црното Море; до средината на октомври, 63 проценти помалку бродови што превезувале пченица и пченка поминале низ Босфорот во споредба со истиот период минатата година. Тој рече дека имало повеќе од 300 напади, во кои загинале најмалку 40 членови на екипажот.
Ова значи дека околу 10 милиони тони руска и украинска пченица не би можеле да стигнат до светските пазари оваа година – количина доволна за да се прехранат 44 милиони луѓе, истакна тој.
Вкупните трошоци на агенцијата минатата година изнесуваа речиси 12,2 милијарди долари, така што дополнителните 727 милиони долари трошоци до средината на 2027 година би претставувале зголемување од речиси 6 проценти. Таа бројка би можела да продолжи да расте доколку сегашните услови не се променат, соопшти агенцијата.

