Основното јавно обвинителство – Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение за сторено кривично дело „Насилство“ од член 386 став 6 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
„Според доказите обезбедени до овој момент, на 16 септември, во приватна ординација во склоп на поликлиниката “Букурешт”, осомничениот извршил грубо насилство врз, лекар-гинеколог кој бил на неговото работно место. Му се заканували физички го нападнал со повеќе удари, а предизвикал чувство на несигурност, загрозеност и страв и кај други присутни во ординацијата“, се вели во соопштението.
ОЈО посочува дека јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување повеќе мерки на претпазливост со цел обезбедување на осомничениот и забрана тој да се приближува до оштетениот и ординацијата.
На 16 септември во полицијата беше пријавено дека гинекологот Дејан Огненовиќ бил физички нападнат во својата ординација во поликлиниката „Букурешт“, при што се здобил со скршеница на вториот вратен пршлен. Во првите часови по нападот имал и потешкотии со вилицата и движењето на рацете.
Нападот следел по низа закани што Огненовиќ ги добивал во изминатиот период. Според сведоштвото на лекарот, напаѓачот влегол во ординацијата додека тој прегледувал пациентки и прво му упатил вербални закани, а потоа физички го нападнал.
Огненовиќ смета оти нападот е поврзан со обид да биде отстранет од ординацијата, посочувајќи ја конкуренцијата како можна причина. Неколку дена пред нападот, според него, две жени облечени во бели медицински мантили со црна лента ги покриле камерите од видеонадзорот во ординацијата, а претходно бил пресечен и интернет-кабелот. Камерите биле поставени поради тоа што во неколку наврати исчезнувале медицински досиеја на пациенти.

