По бурниот внатрепартиски раскол и повлекувањето од претходно најавената коалиција со Народната партија (НС), српското опозициско движење „Ние – Моќта на народот“ на лекарот Бранимир Несторовиќ соопшти дека нема да учествува на претстојните парламентарни избори во Србија закажани за 25 октомври.
„Сакаме особено да истакнеме дека евентуалното поднесување на изборна листа, коалициски договор или друга документација во која движењето „Ние – Моќта на народот“ би било означено како учесник на изборите, нема да биде во согласност со одлуката на мнозинството од вкупниот број членови на Претседателството“, се наведува во партиското соопштение.
Според извори во партијата, за повлекување од изборната трка се изјасниле пет од осум членови на партиското Претседателство.
Највата за неучество на партијата на изборите доаѓа во време кога партискиот лидер Несторовиќ се наоѓа во болница поради влошено здравје.
На повлекувањето од изборната трка му претходеше исклучување на неколку истакната членови од партија, вклучително и пратеникот и партиски потпретседател Борислав Антонијевиќ, кој јавно се спротивстави на соработката со Движењето на социјалистите (ПС) на Александар Вулин и обвини за „мешање на странски разузнавачки служби“.
Исклучените членови на партијата претходно најавија дека доколку биде донесе одлука за учество на изборите, тие ќе ги повикаат граѓаните да не гласаат за листата на „Ние – Моќта на народот“.
„Тоа би бил глас за Александар Вучиќ и СНС“, рече сега веќе поранешниот член на партиското Претседателств, Ратко Ристиќ, кој е професор на Шумарскиот факултет во Белград и негов поранешен декан.
Вчера, Народната партија (НС) на Владимир Гајиќ соопшти дека нема да учествува во изборна коалиција со движењето на Несторовиќ, како што првично беше најавено.
Бранимир Несторовиќ стана познат за време на корона пандемијата, кога како член на тогашниот Кризен штаб на Србија, изјави дека Ковид-19 е „најсмешниот вирус во историјата на човештвото што постои само на Фејсбук“, а потоа со потсмевање говореше за вакцините против оваа инфекција.
Тој потоа го формираше движењето „Ние – гласот на народот“, кое оствари неочекуван резултат на претходните парламентарни избори во Србија во 2023 година, освојувајќи речиси пет проценти од гласовите.
Но, набргу по влегувањето во српскиот Парламент и во пресрет на тогашните избори за Градското собрание на Белград, Несторовиќ со неколку други истакнати членови ја напушти партијата и го формира движењето „Ние – моќта на народот“. Движењето „Ние – гласот на народот“ оттогаш го води Бранко Павловиќ.

