Сондата „БепиКоломбо“од европско-јапонската вселенска мисија, по осумгодишно патување пристигнува во орбитата околу Меркур, со задача да им овозможи на научниците повеќе сознанија за оваа енигматична планета, за која се знае многу малку.
Во врска со неа постојат дилеми како е можно да има мраз на планета каде што температурите достигнуваат и до 450 степени? Зошто Меркур се собира побрзо отколку што се очекуваше? Што претставуваат оние мистериозни вдлабнатини на површината? Ова се дел од загатките што „БепиКоломбо“ треба да помогне да се решат во текот на наредните години.
Сондата „БепиКоломбо“, која беше лансирана во 2018 година, се состои од два сателита – еден европски и еден јапонски, кои од декември ќе кружат одделно околу Меркур. Тие постепено ќе се спуштаат во пониска орбита околу планетата, а во април 2027 година ќе започнат со своите научни истражувања.
Мистериите на Меркур
Очекувањата се големи, бидејќи за Меркур сè уште се знае многу малку. „БепиКоломбо“ е само третата мисија што ја посетила оваа планета, по двете американски вселенски мисии од 1974 и 2011 година.
Тие, меѓу другото, открија дека Меркур е уште понеобичен отколку што претходно се мислеше.
На пример, за време на претходната мисија на НАСА, беа пронајдени цврсти докази за постоење мраз на Меркур, во кратерите на половите на планетата. Тоа откритие и денес ги воодушевува астрономите. Никој не претпоставуваше дека на планета оддалечена „само“ 58 милиони километри од Сонцето би можело да има вода, а камоли мраз.
Сепак, сè уште нема директни докази за тој мраз. Мразот никогаш не е директно набљудуван, но „БепиКоломбо“ поседува инструменти со кои тоа ќе може да се направи. Исто така, ќе може да се измери и количината на вода.
Друга енигма се бројните мистериозни вдлабнатини на површината. Можно е тие да настанале од гасови што излегле од внатрешноста на Меркур. Ако „БепиКоломбо“ успее да покаже дека шуплините се менуваат, тоа би докажало дека Меркур не е мртва планета.
Меркур има и други необичности. И покрај скромната големина, планетата поседува исклучително големо железно јадро и изненадувачки силно магнетно поле. Покрај тоа, таа е многу потемна отколку што се очекуваше.
Како тоа да не е доволно, па Меркур исто така се собира побрзо отколку што се очекуваше. Неодамнешните истражувања покажаа дека, од своето настанување до денес, дијаметарот на планетата е намален за 23 километри.
Дополнителни задачи
Затоа, пред „БепиКоломбо“ стои многу работа. Европскиот и јапонскиот сателит добија различни задачи.
Европскиот сателит првенствено ќе се фокусира на внатрешната структура на Меркур и на неговата површина. Камерите на него ќе ја мапираат површината со резолуција каква што досега не е видена.
Јапонскиот сателит, пак, главно ќе го проучува магнетното поле на планетата.
Ризик од изгорување
Иако вистинската работа всушност допрва претстои, „БепиКоломбо“ веќе помина низ едно опасно патување.
Меркур е релативно блиску до Земјата, на оддалеченост од најмалку околу 77 милиони километри, но патувањето до таму е сè, само не лесно.
Бидејќи Меркур е многу блиску до Сонцето, потребно е вселенско летало кое може да издржи екстремна топлина и сончево зрачење.
Исто така, треба да се внимава и на огромната гравитација на Сонцето. Таа може толку многу да го забрза леталото, што навременото забавување станува невозможно.
Затоа, „БепиКоломбо“ мораше да направи сложена заобиколна патека преку други планети, за на крајот да влезе во орбитата околу Меркур со соодветна брзина и насока.
Инаку, еден ден на Меркур трае двојно подолго од една година. Тоа е така бидејќи Меркур брзо кружи околу Сонцето, додека истовремено бавно ротира околу сопствената оска.
Планетата прави круг околу Сонцето за 88 земјени денови. Но, еден ден на Меркур (од едно изгрејсонце до следното) трае 176 земјини денови. Според тоа, на Меркур, следниот ден би биле постари за 2 години.

