По три години во бегство, во државата се врати битолскиот бизнисмен Стојан Чифлигароски осомничен во предметот „Синџир“. Според информациите од полицијата, тој влегол пред два дена на граничниот премин „Свети Наум“.
На 22.09.2026 година, на влез на Граничниот премин „Свети Наум“, полициски службеници го лишиле од слобода С.Ч.(44) од Охрид, со живеалиште во Битола. Лицето се барало по централна потерница распишана по наредба на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. С.Ч. е лице под истрага и е опфатено со кривична постапка за дела „злосторничко здружување“ по член 394, „даночни затајувања“ член 279 и „перење пари и други приноси од казниво дело“ член 273 од Кривичниот законик, информира полицијата.
Полициската акција „Синџир“беше спроведена на 30 октомври 2023 година, а Чифлигароски беше посочен како еден од организаторите кои се во бегство.
Неговата компанија „СВ Инвест“ е позната по милионските тендери добиени од РЕК Битола.

