Со врачување на наградата „Прозарт“ на српскиот писател Драган Великиќ заврши Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“.
Нема една, непоместлива, кохерентна вистина. Само интерпретации, но не како чисто рационална одредница, туку и како емотивно доживување, кое се менува во зависност од начинот на кој разбираме некои работи. Писателот всушност го декодира светот околу себе, создава некоја своја верзија на реалноста која – доколку писателот е со дарба и сила – може да биде интересна и за читателите во времињата што допрва доаѓаат, порача Великиќ.
Завршната вечер на „ПРО-ЗА Балкан“ и оваа година започна со традиционално читање од прозни дела на гостите.
Фестивалот го затвори основачот на фестивалот, Дејан Трајкоски, кој им се заблагодари на сите учесници и соработници и направи паралела меѓу храната и литературата, повикувајќи се на популарниот готвач Ентони Бурдејн.
Добрата храна, доброто јадење, тука се работи за крв и органи, суровост и распаѓање. И суштината на добрата литература е таква – доаѓа после видливите слоеви: сурова, гола, пријатна, убава и неубава. Овие денови видовме дел од таквата литература, за што им благодарам на гостите, рече Трајкоски.
Во рамки на дополнителната програма на фестивалот, вечерва во 20 часот во Кинотеката ќе биде прикажан филмот „Устав на Република Хрватска“ во режија на Рајко Грлиќ, со присуство на продуцентот Мајк Дауни.
Задутре во Europe House Тетово во 19 часот ќе се одржи инклузивна промоција на сликовниците од Денис Јанкуловски, а во петок во кафе-бар „Саман“ од 20 часот ќе следува книжевно-музички перформанс „Портрети“ со Александар Прокопиев и Бобан Здравковски Андреевски. На 19 септември (сабота), во кафе-бар „Цреша“ од 20.30 часот ќе се случи концертна промоција на петтата поетска збирка „Пружини“ од Пијан Славеј, со Hot Jazz Orchestra.

