Речиси 40 отсто од населението во Авганистан, односно околу 19,2 милиони луѓе, се очекува да се соочат со сериозен недостиг од храна во текот на претстојната зима, додека бројот на случаи на акутна неухранетост би можел значително да се зголеми во 2027 година. На ова предупредија Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) и Светската програма за храна на ОН (ВФП), посочувајќи дека високите цени на храната и транспортот, недостигот од работа и намалената хуманитарна помош дополнително ги загрозуваат семејствата.
Според најновата анализа на Интегрираната класификација на фазите на безбедност на храната (ИПЦ), околу 19,2 милиони луѓе, или 38 проценти од населението, ќе се соочат со високо ниво на акутна несигурност во снабдувањето со храна во периодот од ноември до април, кој ја опфаќа зимската сезона. Тоа е зголемување во однос на 17,4 милиони луѓе колку што се очекуваа за истиот период една година претходно.
Од нив, околу пет милиони луѓе ќе се соочат со итна фаза на глад, класифицирана како фаза 4 според ИПЦ. Тоа е двојно повеќе од проектираниот број за периодот од април до септември 2026 година. За овие луѓе е неопходна итна помош со храна и итна поддршка за земјоделството за да се спречат смртни случаи и целосно губење на изворите на егзистенција.
Најтешка состојба се очекува во провинциите Бадахшан, Бадгис, Дајкунди, Гор, Саманган, Сари Пул и во руралните подрачја на Газни.
Неухранетоста најмногу ги погодува жените и децата
Акутната неухранетост станува едно од централните обележја на хуманитарната криза во Авганистан, при што мајките и децата се меѓу најпогодените. Се очекува бројот на случаи во 2027 година да се зголеми за речиси 10 проценти во споредба со 2026 година и да достигне четири милиони.
Се проценува дека една четвртина од овие случаи ќе бидат тешки и потенцијално опасни по живот. И покрај растот на бројот на погодени лица, услугите за спречување и лекување на неухранетоста не се развиваат со потребното темпо, поради што жените, а особено децата, се изложени на сè поголем ризик.
Кризата е резултат на повеќе истовремени притисоци врз авганистанските семејства и хуманитарниот систем. Повеќе од 1,2 милиони Авганистанци оваа година биле принудени да се вратат во својата земја од Иран и Пакистан, со што дополнително се оптоварени заедниците кои и претходно имале ограничени ресурси.
Затворањето на границите и прекините во поморскиот транспорт низ Ормускиот Теснец и другите клучни трговски рути, исто така, придонесуваат за раст на цените на основните производи. Истовремено, големиот недостиг од финансиски средства ја ограничува хуманитарната помош токму во период кога потребите се зголемуваат.
Овие фактори дополнително ги продлабочуваат гладот и неухранетоста во пресрет на зимата.
Подобрата жетва не значи и подобра исхрана
И покрај влошувањето на состојбата со храната, земјоделската сезона во 2026 година донела одредени позитивни резултати. Поволните врнежи придонеле за подобро производство на земјоделски култури и обновување на пасиштата, што им помогнало на многу земјоделски домаќинства.
Се очекува претстојната сезона под влијание на климатскиот феномен Ел Нињо да донесе и натпросечни врнежи, што би можело да ги обнови водните ресурси, да ги подобри пасиштата и да го поддржи одгледувањето зимски и пролетни култури.
Сепак, поволните временски услови сами по себе не гарантираат успешна следна жетва. Високите цени на ѓубривата и другите земјоделски репроматеријали, како и ниските откупни цени на земјоделските производи, би можеле да ги принудат посиромашните земјоделци да посеат помалку или да користат помалку неопходни средства за производство.
Поголемите количества врнежи носат и ризик од локални поплави, ерозија, оштетување на посевите и ширење болести кај растенијата и животните.
Дополнително, поголемото производство и достапноста на храната не значат автоматски и подобра прехранбена сигурност. Поради долготрајната невработеност, многу семејства кои не произведуваат сопствена храна немаат доволно средства за да обезбедат разновидна и хранлива исхрана, дури и кога производите се достапни на пазарите.
Во зимските месеци се очекуваат и помалку можности за сезонска земјоделска работа, што дополнително ќе ги намали приходите на домаќинствата и ќе ја зголеми нивната зависност од хуманитарна помош.
ФАО и ВФП бараат итно зголемување на помошта
Организацијата за храна и земјоделство на ОН и Светската програма за храна повикаа на итно обезбедување дополнителни финансиски средства за проширување на помошта со храна, итната земјоделска поддршка и програмите за спречување и лекување на неухранетоста.
Според организациите, помошта треба да стигне до семејствата пред зимата, кога пристапот до најранливите заедници ќе биде отежнат, а земјоделците би можеле да ги пропуштат клучните рокови за сеидба.
„Авганистан не може да си дозволи уште една година на продлабочување на гладот и неухранетоста“, предупредуваат ФАО и ВФП, повикувајќи на навремена реакција за да се спречи дополнително влошување на хуманитарната криза.

