Светот денеска, 16 октомври, го одбележува Светскиот ден на храната под мотото „Иновирај денес. Нахрани утре“, со повик за модернизација на земјоделството, одржливо користење на природните ресурси и поефикасно справување со глобалниот глад.
Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) годинава го става во фокус значењето на технолошките иновации и одржливото производство на храна, во услови кога климатските промени и економската нестабилност создаваат сè поголем притисок врз глобалните синџири на снабдување.
И покрај напредокот во производството и технологијата, милиони луѓе ширум светот сè уште се соочуваат со хроничен глад, додека, истовремено, значителен дел од произведената храна се фрла. Според податоците наведени во кампањата, околу една третина од храната произведена во светот завршува како отпад.
Овогодишната кампања особено ја нагласува потребата од дигитализација во земјоделството, паметно управување со водните ресурси и поголема поддршка за малите и локалните производители. Овие мерки се посочуваат како важни чекори за зголемување на продуктивноста, намалување на загубите и подобрување на пристапот до храна.
И Македонија се приклучува кон одбележувањето на Светскиот ден на храната преку најавени активности, хуманитарни акции за донирање храна и едукативни работилници во училиштата.
Стручни лица од Агенцијата за храна и ветеринарство денеска на панел дискусија по повод 16 Октомври, Светски ден на храната, ќе разговараат за електронската трговија на храна, медиумската промоција и рекламирање на храната, додатоците во исхраната и храната за спортисти.
На панелот ќе се обрати директорот на Агенција за храна и ветеринарство (АХВ) Оливер Миланов, како и градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска и директорката на Институтот за јавно здравје, д-р Марија Андоновска.
Панелот ќе се одржи во Домот на културата „Билјана Беличенец” во Кисела Вода и е во организација на Општината, Агенцијата за храна и ветеринарство и Институтот за јавно здравје.
Експертите укажуваат дека е неопходна модернизација на домашното земјоделско производство, но и поголема свест кај граѓаните за одговорно купување, чување и користење на храната, со цел да се намали отпадот во домаќинствата.
Светскиот ден на храната се одбележува секоја година на 16 октомври, кога се потсетува на потребата од заеднички напори за искоренување на гладот и обезбедување пристап до доволно безбедна и хранлива храна за сите. Храната не е само основна животна потреба, туку и прашање на достоинство и човекови права.

