Два авиони ловци, за кои се верува дека му припаѓаат на руското Воено воздухопловство, навлегле во јапонскиот воздушен простор.
Според јапонската Влада, инцидентот се случил околу 4 часот утрово по локално време (20 часот синоќа по средноевропско време).
Двата авиони навлегле во воздушниот простор на Јапонија во близина на островот Окиношима, во југозападниот дел на земјата. Јапонската војска испрати свои ловци за да ги пресретне руските летала.
Генерален секретар на јапонската Влада, Минору Кихара остро реагираше на инцидентот нарекувајќи го „сериозно нарушување на суверенитетот“ и „закана за безбедноста“ на Јапонија. Според нив, ваквиот потег е „целосно неприфатлив“.
„Преку дипломатски канали упативме многу остар протест до Русија и категорично побаравме вакви инциденти да не се повторуваат“, изјави Кихара.
Според меѓународното право, воените летала не смеат без дозвола да влезат во територијалниот воздушен простор на друга држава.
Упад и во јужнокорејската „зона за идентификација“
Според јужнокорејската новинска агенција Јонхап, руските авиони накратко навлегле и во јужнокорејската „зона за идентификација“. Станува збор за област што државите ја користат за идентификација на летала што се приближуваат, но таа не претставува дел од официјалниот суверен воздушен простор на земјата.
„Нашите сили ги детектираа руските летала уште пред да навлезат во зоната и испратија борбени авиони. Преземени се тактички мерки за подготвеност за секаков развој на настаните“, соопшти Генералштабот на Армијата на Јужна Кореја.
Руски летала поминаа низ јужнокорејската „зона за идентификација“ и во август и јуни, додека последното потврдено нарушување на јапонскиот воздушен простор од страна на руско летало се случило во близина на островот Ребун, кај Хокаидо, во септември 2024 година.
Односите меѓу Москва и Токио долго време се под притисок поради јапонската поддршка за санкциите против Русија поради војната во Украина. Кон средината на октомври, еден јапонски новинар беше уапсен во Русија под сомнеж за шпионажа. Исто така, претходно овој месец, Москва донесе одлука да ги заплени средствата на јапонскиот тутунски гигант „Џапан Тобако Интернешнл“ (ЈТИ).

