Синдикатот „Генерална конфедерација на трудот“ (CGT) денеска соопшти дека повеќе од 500.000 луѓе учествувале на протестите низ Франција, организирани од синдикатите со барање за зголемување на платите во јавниот сектор, при што само во Париз учествувале 175.000 лица.
Според француското Министерство за внатрешни работи, на протестите низ целата земја учествувале 146.000 луѓе, од кои 28.000 во Париз, пренесува телевизијата BFM TV.
Министерството за јавна служба соопшти дека денеска штрајкувале помалку од три отсто од државните службеници – конкретно оние што работат во министерствата, префектурите и регионалните образовни органи – за разлика од речиси десет отсто што учествуваа на протестите на 5 ноември.
Француските синдикати изјавија дека бараат итно, сеопфатно зголемување на платите, особено во јавниот сектор, како и усогласување на платите со инфлацијата.
Меѓу нивните главни барања е зголемување на вредноста на „индексниот поен“ – основата што се користи за пресметување на платите на вработените во јавниот сектор – кој останува замрзнат веќе четврта година по ред.
Синдикатите предупредуваат дека растот на трошоците за живот ја намалил куповната моќ на вработените, а голем број работници во јавниот сектор имаат основна плата што е под нивото на минималната плата. Тие сметаат дека досегашните разговори со француската влада не донеле конкретни резултати. Францускиот премиер Себастиен Лекорну најави едномесечни преговори кои опфаќаат пет области – вклучително и итни мерки за зголемување на најниските плати – но синдикатите инсистираат на општо зголемување на платите, а не само на прилагодување на најниските примања.
Според синдикатите, над 500.000 луѓе учествувале на протестите во Франција

