Во НУБ „Климент Охридски“ од 11 до 16 часот ќе се одржува традиционалниот саем за студии во Франција во организација на Францускиот институт во Скопје и француската агенција за високо образование Кампус Франс.
Македонските средношколци и студенти ќе имаат можност да ги добијат сите потребни информации за понудата на студиски програми директно од претставниците на француските универзитети присутни на саемот, како и информации за сите аспекти на студентскиот живот во Франција, но исто така и за остварување на контакти и договори за соработки помеѓу француските и македонските универзитети.
На саемот ќе се претстават 6 француски високообразовни институции, меѓу кои четири државни универзитети чија образовна понуда опфаќа широк спектар на области : од природните и техничките науки, медицината, правото, економијата и општествените науки, па се до спортските науки, уметноста и креативните индустрии, меѓу кои и приватна школа специјализирана за графички дизајн, анимација, видеоигри и аудиовизуелни уметности БРАСАР, како и приватната школа КЕЏ Бизнис Скул, која нуди студии по бизнис, менаџмент и сродни области.

