Денес, по речиси 30 години, треба да се одржи парада на протестантскиот „Оринџ ред“ (Orange Order) долж улицата Гарваги (Garvaghy Road) во градот Портадаун, Северна Ирска. Ова уследи по одлуката на британскиот Апелационен суд, донесена доцна синоќа, да се укине привремената забрана за парадата, и покрај стравувањата дека таа би можела да предизвика нови секташки судири.
Парадата е закажана за во 8:00 часот наутро, по неколкудневна правна битка.
Судијката на Високиот суд, Патриша Смит, претходно изрече привремена забрана за парадата по петчасовно рочиште, повикувајќи ги сите страни да се „повлечат од работ на конфликтот“ и да донесат одговорни одлуки „за доброто на сите во Северна Ирска“, објави весникот Гардијан.
Сепак, доцна во саботата, претседателката на Апелациониот суд, Шивон Киган, пресуди дека судијката Смит „за жал направила правна грешка“.
Новото барање за забрана на парадата да поминува низ католичкиот дел од градот беше отфрлено утрово од судијата Мајкл Хамфрис.

Тој истакна дека околностите биле „невообичаени, ако не и без преседан“, со оглед на тоа што било 1:45 часот по полноќ, а парадата требало да започне за нешто повеќе од шест часа.
Хамфрис оцени дека Комисијата за паради, како јавно тело, ги разгледала релевантните докази и клучните прашања и донела образложена одлука, па затоа немало основи таа да се поништи. Парадата долж улицата Гарваги беше забранета 28 години по масовното насилство во 1998 година пред црквата Драмкри.
Првиот министер на Северна Ирска, Мишел О’Нил, ја опиша одлуката на Апелациониот суд како „срамна“, наведувајќи дека таа овозможува „наметнување на несакана парада на Оринџ редот“ долж улицата Гарваги.
Лидерката на СДЛП (SDLP), Клер Хана, го опиша планот за парадата како „провокативен“, додека лидерката на Шин Фејн, Мери Лу Мекдоналд, ја нарече одлуката „целосно неодговорна“. Стравувањата од конфронтација се зголемија откако беше побарана дозвола за контра-марш – за кој првично се проценуваше дека ќе привлече до 5.000 луѓе, иако подоцна таа бројка беше ревидирана на околу 300 учесници.
Британскиот политичар Енди Бурнам ги повика лидерите „мирно да работат на решавање на ситуацијата“ во текот на викендот, додека британскиот државен секретар за Северна Ирска, Крис Брајант, повика на „разумност и смиреност“.
Комисијата за паради воведе неколку ограничувања, вклучително и почеток во 8 часот наутро и лимит од 35 учесници, но не ја ограничи трасата на парадата.
Спорот околу парадата во Портадаун е еден од трајните симболи на поделбите меѓу протестантските унионисти и католичките националисти во Северна Ирска.

