Скопје денеска и утре ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Quo Vadis Europa 2026“, посветена на иднината на европското проширување и етапната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.
Конференцијата ја организира Либерално-демократската партија (ЛДП), во соработка со Европскиот либерален форум (ЕЛФ), Алијансата на либерали и демократи на Европа (АЛДЕ) и Мрежата на либерали во Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН). На неа ќе учествуваат пратеници, европратеници, политички лидери, истражувачи и експерти од повеќе европски држави.
Целта е да се отворат конкретни прашања за забрзување на европската интеграција и приближување на придобивките од членството до граѓаните уште пред формалното пристапување.
Првиот ден конференцијата ќе ја отворат претседателката на ЛДП и ЛИБСЕЕН, пратеничката Моника Зајкова, и Балинт Ѓеваи од ЕЛФ. Предвидена е и презентација на резултатите од истражувањето на ЕЛФ и ЛИБСЕЕН „Подготвеност наспроти прагматизам“, предводено од потпретседателот на Либералната интернационала, Емил Кирјас.
Кирјас ќе ги презентира наодите за ставовите на регионалните либерални лидери во однос на пакетот на Европската комисија, етапната интеграција и реформите со конкретни временски рокови, а ќе модерира и повеќе дискусии.
Во фокусот на разговорите ќе бидат можностите за рано вклучување во Единствената европска платежна област (SEPA), иницијативата „Роаминг како дома“, европските транспортни и енергетски мрежи, како и европските одбранбени инструменти. На дискусиите ќе учествуваат претставници од Македонија, Косово, Црна Гора, Хрватска, Унгарија и Европската Унија.
Вториот ден ќе биде посветен на владеењето на правото, институционалните гаранции и финансиската подготвеност за проширувањето. Меѓу учесниците се најавени секретарот за меѓународна соработка на ЛДП, Емир Ќориќ, хрватската пратеничка Маријана Пуљак, поранешниот црногорски министер за надворешни работи Миодраг Влаховиќ, српската пратеничка Андреа Беседес и Дејвид Чалмерс од Обединетото Кралство.
Завршниот дел од конференцијата ќе биде посветен на усвојувањето на Скопската либерална декларација 2026, која ќе ги содржи регионалните либерални предлози за иднината на европската интеграција и ќе биде доставена до Европскиот совет во декември. Предвидени се и видеообраќања на европратеничката Ирена Јовева и потпретседателот на АЛДЕ, Малик Азмани, како и обраќање на Зајкова.
Од ЛДП посочуваат дека европската интеграција не смее да биде бесконечно ветување и процес без рокови, туку дека е потребен прагматичен и праведен пристап во кој реформите ќе се вреднуваат, а граѓаните ќе ги почувствуваат конкретните придобивки од Европа уште пред полноправното членство.

