Освен камерите за безбедност во сообраќајот, наскоро Скопје ќе добие и видео надзор за јавни површини со цел да се заштити јавниот простор од вандализам и несовесно однесување. Камерите ќе бидат поставени на 30 локации низ градот и ќе снимаат 24 часа.
Првично камерите ќе бидат поставени на критични точки како места каде се создаваат диви депонии и во паркови со цел да се заштити поставената урбана опрема.
Градските власти очекуваат до крајот на годината да бидат поставени камерите, а тендерот за набавка на опремата е во завршна фаза и се очекува да биде објавен наскоро.
Контролниот центар би требало да биде сместен во просториите на Град Скопје и во него ќе се работи во три смени со цел контиунирано да се следи теренот. Снимките од камерите ќе се чуваат во рок од најмногу 30 дена, освен во ситуации кога законски е утврден подолг рок.

