Пратениците во Народното собрание на Србија денеска ќе ја продолжат конститутивната седница со расправа по последната точка од дневниот ред: избор на постојан состав на парламентарните делегации во меѓународните институции.
По целодневната дебата вчера, Собранието донесе одлука за членовите и замениците-членови на собраниските одбори.
Народното собрание на Србија има вкупно 20 одбори. Мнозинството од избраните членови и заменици-членови се од пратеничката група „Студентска листа“, додека членовите од групата „Србија победува“ нема да учествуваат во работата на овие одбори, бидејќи не можат да ги извршуваат функциите претседател или заменик-претседател во овие тела.
Конститутивната седница започна во вторникот, на 17 ноември, кога беа потврдени мандатите на пратениците.
Пратениците за претседател на Народното собрание го избраа Александар Чупиќ, заедно со шестмина потпретседатели и генерален секретар.
За потпретседатели на Народното собрание на Србија беа избрани Јелена Петровиќ, Лидија Димитријевиќ, Марија Бјелобрк, Сара Валентик, Тибор Лазар и Адем Мавриќ – сите од пратеничката група „Студентска листа“.
Меѓу потпретседателите на Собранието нема членови од пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“, ниту претставници од партиите на националните малцинства.
Собранието ја именуваше Мирјана Радаковиќ за генерален секретар на парламентот.
Изборот на постојаните парламентарни делегации во меѓународните институции ќе го заокружи процесот на избор на раководството на Собранието. Во новиот состав на Народното собрание на Србија, пратеничката група „Студентска листа“ има 140 пратенички места, додека пратеничката група „Александар Вучиќ – Србија победува“ има 103 места.
Во парламентот влегоа и седум дополнителни пратеници од листите на малцинствата.
Српското Собрание ја продолжува конститутивната седница; последна точка е изборот на делегации

