Платформата за стриминг на музика „Тајдал“ ќе започне со отстранување на музиката целосно создадена со вештачка интелигенција (ВИ) од својот каталог на 9 декември. Се очекува повеќе од 29 милиони песни да бидат избришани до крајот на годината.
Според компанијата, 43% од сите музички нумери доставени на платформата во последните 90 дена биле целосно генерирани со вештачка интелигенција.
Околу 27 милиони песни, што претставува 6,3% од тековниот каталог на „Тајдал“, веќе се етикетирани како целосно генерирани од вештачка интелигенција. Од нив, 96% не се слушани ниту еднаш во последните три месеци.
Според компанијата, 94% од музичките дела означени како генерирани со вештачка интелигенција се создадени со користење на платформата Suno.
На музичките дистрибутери ќе им биде забрането да му обезбедуваат на „Тајдал“ дела создадени целосно со вештачка интелигенција. Платформата за стриминг, исто така, ќе ги отфрли снимките чии метаподатоци укажуваат дека се генерирани исклучиво со алатки за вештачка интелигенција.
За да идентификува таква содржина, Tidal користи технологија од својот партнер Ircam Amplify.
Музичките дела при чие создавање вештачката интелигенција била користена како помошна алатка, но кои не биле целосно генерирани од неа, ќе продолжат да бидат дозволени на платформата.
Во јуни, „Тајдал“ почна да ја етикетира музиката генерирана од вештачка интелигенција и престана да плаќа авторски права за нејзино стримување , но компанијата вели дека овие мерки не го ограничиле протокот на таква содржина.
„Треба да се направи нешто подрастно“, рече Роберт Андерсон, раководител на музичкиот оддел во „Тајдал“.
Компанијата веќе автоматски отстрани над 65.000 снимки генерирани од вештачка интелигенција поради сомневања дека се претставени како дела од вистински музички уметници.
Со својата одлука, Tidal станува една од првите големи музички платформи што воведува целосна забрана за дела создадени целосно со вештачка интелигенција, откако Bandcamp презеде слична мерка.
Конкурентските услуги Spotify и YouTube Music имаат поинаков пристап, фокусирајќи се на етикетирање на содржината генерирана од вештачка интелигенција, наместо целосно да ја отстранат.

