Американскиот технолошки гигант „Тесла“ промовираше такси возило со вештачка интелигенција наречено „Киберкаб“. Новото возило беше промовирано на приватен настан без присуство на медиумите во градот Остин во Тексас, па засега нема многу детали за автомобилот.
Според американските медиуми, со лансирањето на овој модел „Тесла“ има за цел да се обиде да го намали заостанувањето зад лидерот на пазарот во овој сектор „Алфабет“ и неговиот модел „Вејмо“.
Сегашната флота од самодвижечки возила на „Тесла“ се состои од над 400 обични патнички автомобили „Модел Ипсилон“ опремени со сензори и камери, но често и со „контролор“ во нив.
Од друга страна, „Киберкаб“ е специјално дизајниран за автономен транспорт. Во него нема волан, ниту педали за гас или за сопирање, туку само две седишта и голем ЛЕД екран на допир преку кој може на пример да се пушта музика.
Новиот столб на „Тесла“
Сопственикот на „Тесла“, Елон Маск, во „Киберкаб“ ја гледа идната финансиска моч на неговата компанија. Тој го претстави „Киберкаб“ како „столб на масовната флота на роботски такси возила на „Тесла“ што ќе го покријат поголемиот дел од САД“.

Медиумите објавија дека уште пред лансирањето во Тексас биле регистрирани околу 45 „Киберкаб“ возила, но не е посната колку од нив всушност се вклучени во сообраќајот.
„Тесла“ има за цел да го престигне својот главен конкурент „Алфабет“, која е и матична компанија на „Гугл“, која веќе има над 4.000 самоуправувачки такси возила „Вејмо“ во 14 градови во САД.
„Киберкаб“ под истрага на американскиот регулатор за сообраќај
Американската Национална администрација за безбедност на сообраќајот на автопатиштата (НХТСА) соопшти дека започнува истрага за „Киберкаб“, која се однесува на „процесот и техничките податоци на кои се потпира „Тесла“ за да го сертифицира возилото“.
НХТСА објаснува дека федералните прописи предвидуваат дека автомобил за комерцијална употреба мора да има волан и педали, освен во одредени исклучоци, на кои не се повикува „Тесла“ во доставената документација за сертификување на „Киберкаб“.
Инвеститорите не реагираа многу ентузијастички на лансирањето на „Киберкаб“, а уште помалку на истрагата на НХТСА, па вредноста на акциите на „Tесла“ на берзата се намали за шест проценти.

