На новинарите на Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико и денеска не им беше дозволен влез во Белата куќа и покрај тоа што федералниот судија Тимоти Кели ѝ наложи на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп веднаш да им ги врати акредитациите на медиумските работници.
Си-Ен-Ен јави дека некои негови вработени не можеле да пристапат во Белата куќа утрово, а обезбедувањето не им кажало зошто не им е дозволено да влезат во зградата.
Со ист проблем се соочиле и новинарите на Ем-Ес Нау и Политико.
Трамп во петокот им забрани на екипите на трите медиумските куќи да влезат во комплексот на Белата куќа, обвинувајќи ги дека „постојано шират лажни вести“. Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико ја тужеа администрацијата на Трамп, тврдејќи дека забраната е нелегална.
За време на судската постапка, адвокатите на Администрацијата тврдеа дека претседателот има право да одлучува за пристап до Белата куќа и дека извештаите на медиумите претставуваат безбедносен ризик.
Меѓутоа, адвокатите на медиуми тврдеа дека оправдувањата за ризик по националната безбедност биле изнесени дури откако била воведена забраната.
Судијата Тимоти Кели оцени дека забраната за пристап на екипите од овие три медиумски куќи „веројатно е неуставна“, бидејќи новинарските акредитации им биле одземени без „правна постапка соодветна на уставните барања“ и ну нареди на претседателот Трамп повторно да им овозможи пристап до Белата куќа.

