Паркот на Франкофонија од денес до недела ќе биде местото каде ќе се одржува 2. издание на Street Food Picnic, тридневен настан кој ќе понуди добра храна, музика и содржини за различни вкусови.
За гастрономскиот дел ќе се погрижат девет изложувачи – Milky, Oljo’s, Transilvanisko trdlo, Жешко Компирче, Sweet Corner, Сутлијаш Бар, Panino, Noa Gyradiko и Mustacos, со избор на солени и слатки специјалитети.
Богата програма е предвидена и за љубителите на музиката. Во петок ќе настапат Golemata Voda и Vaso, во сабота Shurbe, Day Off и Flooder, додека во недела музичката програма ќе ја заокружат Dimish, Trio Zigot и Machki.
Посебен дел од програмата е наменет за најмладите, кои во текот на викендот ќе можат да учествуваат во детски работилници, да се забавуваат и да поминат квалитетно време на отворено.
Street Food Picnic 2 се одржува со поддршка на Општина Центар, а настанот е отворен за сите посетители. Во петок програмата започнува во 17 часот и ќе трае до полноќ, додека во сабота и недела започнува во 12 часот и ќе трае до полноќ.
„Street Food Picnic го организираме втора година и навистина ми е драго што овој настан прераснува во убаво септемвриско дружење во Центар. Идејата е едноставна – да излеземе од дома, да се собереме во парк, да каснеме нешто вкусно, да слушаме добра музика, а децата да имаат свои активности и забава. Ги повикувам сите, со семејствата и пријателите, да ни се придружат. Три дена ќе се дружиме и ќе уживаме заедно во Паркот на Франкофонија, порачува градоначалникот на Центар Горан Герасимовски.

