Падот на руската крстосувачка ракета на територијата на Полска не е случајност, порача денеска полскиот премиер Доналд Туск.
„Знаеме дека она што ја погоди полската територија доаѓа од Русија и не изгледа дека станува збор за случајност. Тоа не е само моја проценка, туку и проценка на нашите меѓународни партнери и на НАТО. Изгледа како намерна провокација“, рече Туск.
Според него, овие настани покажуваат зошто е важно Полска да биде вклучена во мировните преговори за Украина. Согласно одлуката на лидерите на ЕУ, во состав на седумчлената европска преговарачка делегација ќе биде вклучен и полски претставник.

Полскиот министер за одбрана, Владислав Косињак-Камиш претходно соопшти дека минатата ноќ руска крстосувачка ракета од типот КХ-101 „веројатно паднала на територија на Полска“.
„Не е случајно што ова се случува токму сега, по состанокот на Коалицијата на подготвените. Ќе побараме дополнителна поддршка од НАТО“, изјави Косињак-Камиш, оценувајќи дека станува збор за „нова руска провокација“.
Полска информираше дека минатата ноќ 11 непознати објекти прелетале преку воздушен простор земјата, поради што полетале и неколку полски борбени авиони.
Полските власти започнаа истрага за случајот.
Претходно во јули годинава, руска ракета исто така се урна на територијата на Полска.

