Турската актерка Дениз Чакир, позната на македонските гледачи по улогата на Ферхунде во популарната ТВ серија „Кога лисјата паѓаат“, е меѓу уапсените во голема операција за трговија со дрога во Истанбул , објави „Хуриет дејли њуз“.

Главниот обвинител во Истанбул издаде налози за апсење на 35 лица, од кои 24 се однесени во полиција.
Меѓу приведените се и популарниот пејач и актер Озџан Дениз, актерката Бурџу Озберк, позната по улогата во серијата „Кралица“ и режисерот Џем Карчи.
Истрагата опфаќа наводни кривични дела поврзани со трговија, дистрибуција, поседување и употреба на наркотици, како и проституција.
Според турскиот весник „Џумхуриет“, операцијата ја води Одделот за борба против шверц, дрога и економски криминал при Обвинителството во Истанбул.
Операцијата беше спроведена по анализа на исказите на сведоците, информациите од заштитените сведоци и стручните испитувања на запленетите мобилни телефони и други електронски уреди.
По медицинските прегледи, приведените лица биле однесени во судницата во Истанбул, каде што биле испрашувани од обвинителството.
Според најновите податоци од турските медиуми, Дениз Чакар е меѓу деветте осомничени кои се ослободени под судска контрола.
Актерката негира дека користела дрога .
„Земам лекови препишани од лекар. Освен нив, никогаш не сум користела наркотици. Не познавам луѓе што ги продаваат“, изјавила Чакар во своето сведочење, цитирано од турското издание „Нефес“.
До денес, никакви резултати од тестовите на актерката не се јавно објавени, ниту пак има детали за конкретните докази против неа.
Операцијата е дел од поголема истрага што започна на 8 октомври 2025 година, а се фокусираше на наводна употреба на дрога меѓу претставници на турскиот шоубизнис.
Во текот на изминатата година, голем број актери, музичари, менаџери и бизнисмени беа испрашувани, при што од нив беа земени примероци од крв и коса за да се утврди употребата на забранети супстанции.
Една од најпаметните хероини во турските ТВ серии
За македонската публика, Дениз Чакир останува најпозната по улогата на манипулативната и амбициозна Ферхунде во ТВ серијата „Кога лисјата паѓаат“. Нејзиниот лик, сопругата на Шевкет, е во коренот на голем дел од конфликтите во семејството Текин.
„Кога лисјата паѓаат“, стана телевизиски феномен на Балканот и беше меѓу продукциите што ги етаблираа турските драмски серии во најгледаното телевизиско време во регионот.
Ферхунде исто така најде место во рангирањето на турското издание „Сабах“ за десетте најпаметни негативни ликови во историјата на турската телевизија.
Дениз Чакар е позната на македонската публика и по улогата на Шах Султан во историската серија „Величествениот “.

