Мицкоски рече дека граѓаните за прославата не потрошиле ниту денар. Веќе следниот ден, кога ги извадивме документите, стана јасно дека била донесена одлука да се потрошат 5,5 милиони евра народни пари, на нетранспарентен начин и со прекршување на Законот за јавни набавки. Мицкоски ги лаже граѓаните во очи, дојде на власт со лаги и продолжува да владее со лаги, истакна вечерва претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Филипче обвини дека власта сè уште ги крие компаниите и договорите што ги склучила Државната лотарија за прославата на независноста.
-Не станува збор само за една фирма. Ќе излезат на виделина и други работи. Има повеќе фирми со кои Лотарија потпишала договори. За само еден ден, од изјавата дека не се потрошил ниту денар, стигнавме до нетранспарентно потрошени 5,5 милиони евра. Премиерот ги лаже граѓаните во очи, нагласи Филипче.
Потенцираше и дека парите на Државната лотарија се државни и народни пари, без оглед на обидите на власта технички да манипулира дека тие не биле исплатени директно од Буџетот.
Според Филипче, случајот со прославата е само уште еден пример за начинот на кој функционира власта.
-Народните пари завршуваат кај мал број компании блиски до ВМРО-ОКГ. Ова веќе го надминува концептот на политичка борба. Ова е пљачка на државата. Мицкоски дојде на власт со лаги и продолжува да владее со лаги. Прашањето е: зарем некој сè уште му верува?, порача Филипче.
Тој нагласи дека ова не е прва лага на Мицкоски, туку продолжение на политиката со која дојде на власт.
-Мицкоски дојде на власт со лаги. Лажеше дека ќе го врати името и дека ќе го поништи Преспанскиот договор. Лажеше дека ќе обезбеди подобра преговарачка рамка и подобра позиција со Европа. Лажеше дека протоколите не се дел од преговорите, па потоа призна дека се дел од преговарачката рамка. Лажеше и дека идентитетот е загрозен, а се потврди дека македонскиот идентитет е заштитен со Преспанскиот договор. Зарем некој сè уште му верува на таков човек?, рече претседателот на СДСМ.
Се осврна и на проблемот со откупот на грозјето кој, како што потенцира, ќе беше решен со 5,5 милиони евра.
-Власта потроши 5,5 милиони евра за Дејвид Гета, во услови кога лозарите се соочуваат со сериозни проблеми со откупот на грозјето. Зошто не се потрошија 5,5 милиони евра за земјоделците? Целиот проблем со откупот, сега на грозјето, ќе беше решен со 5,5 милиони евра, а сега скапува грозјето по насадите. Откупувачите не го откупуваат грозјето и Владата нема мерка и никако не реагира, рече Филипче.
Во интервјуто, тој оцени дека состојбата во земјоделството е дел од пошироката криза во која се наоѓа државата.
Осврнувајќи се на посетата на владината делегација предводена од Мицкоски во САД, Филипче истакна дека стратешките партнери на Македонија многу добро знаат што се случува во земјата и дека власта не може со посети и декларативни изјави да ја сокрие реалноста.
-Тие четворица луѓе кои се во делегацијата се јавачите на апокалипсата за Македонија. Да не се чудат ако таму добијат црвен картон. Тие носат само лошо – поради нив нема развој, поради нив цвета корупцијата и поради нив Македонија е слепо црево на Европа. Владата ја оддалечува Македонија од нејзините стратешки сојузници, ја блокира европската иднина и го отвора просторот за засилено руско, кинеско, српско и унгарско влијание, рече Филипче.
Дополни дека сигналите од САД веќе се јасни и дека прв пат од воспоставувањето на дипломатските односи се намалува сегмент од американската помош за Македонија.

