Прометен автопат, доцна во ноќта. Русокоса жена стои покрај својот автомобил, кој е во дефект. Изгледа пијано. Кога ѝ приоѓа полицаец Афроамериканец, ситуацијата брзо ескалира: жената го обвинува дека ја таргетира затоа што е бела, а потоа започнува расистичка тирада. Таа сè снима со својот телефон и на крајот е уапсена.
Неколку минути подоцна, видеото се појавува онлајн во групата „ Гласот на разумот“ на Фејсбук, каде што брзо го гледаат илјадници луѓе.
Вака започнува „Социјална пресметка“ („The Social Reckoning“), кој се појавува 16 години како продолженние на „Социјална мрежа“ („The Social Network“), првиот филм за Фејсбук. Но, во продолжението приказната не е за студент што од нула гради компанија вредна милијарди долари, туку за свиркач што обелоденува стотици внатрешни документи.
„Социјална пресметка“ не е грандиозен холивудски филм како неговиот претходник. Арон Соркин, познат по своите остри сценарија за филмови како „Социјална мрежа“ и „Неколку добри луѓе“, овој пат се јавува како режисер и испорачува исклучително проникливи дијалози.
Резултатот е некаде на средина меѓу ТВ-серија и документарец, бидејќи речиси сè што е прикажано на филмот навистина било речено или се случило.
Има најмалку три причини зошто треба да се погледне „Социјална пресметка“.
Причина 1: Се разјаснува зошто „Мета“ се соочува со тужби
Жената од автопатот е Кејти, пријателка на свиркачот Френсис Хауген, која ја игра Мајки Медисон. Кејти некогаш била прилично прогресивна, но сега е целосно радикализирана. Во филмот, гледајќи наназад, Хауген сфаќа дека Фејсбук одиграл голема улога во тоа.
Во реалниот живот, Кејти е пријателка на Хауген, која преку платформата западнала во спирала на теории на заговор.
Тука филмот не враќа во 2018 година, кога корисниците на Фејсбук поминувале сè помалку време на платформата, што значело помалку податоци и помали приходи од рекламирање. Решението било прилагодување на алгоритамот. Фејсбук сака на корисниците да им прикажува повеќе објави од пријатели и семејството, како фотографии од свадби и роденденски забави, наместо вести.
Ова треба да поттикне повеќе „значајни социјални интеракции“, со надеж дека луѓето подолго ќе продолжат да прелистуваат низ содржините. Тоа функционира, но не онака како што беше замислено.
Поради оваа промена, во прикажувањето на содржини приоритет добиваат објавите со многу коментари. А токму шокантните и разгневувачките објави се оние што предизвикуваат најмногу реакции. На тој начин, системот го наградува токму оној вид содржина што ги спротивставува луѓето едни против други, наместо пријатните семејни фотографии. Така, Фејсбук станува катализатор за гнев, а овој филм детално објаснува како се случува тоа.
Во филмот, Хауген во еден ресторан слуша како еден татко зборува за својата ќерка, која е жртва на врсничко малтретирање преку социјалните мрежи. Кратко потоа, во интерни документи на компанијата, Хауген наидува на шокантен податок дека 32 проценти од тинејџерките се соочуваат со проблеми поврзани со перцепцијата на сопственото тело поради социјалните мрежи.
Тие интерни документи во реалниот живот доведоа до „Документите Фејсбук“ во 2021 година, серијал написи на „Волстирт Џурнал“, што претставува дел од основата за судските постапки против компанијата „Мета“ што се во тек. Претходно оваа година, две судски одлуки ја чинеа „Мета“ речиси една милијарда долари.
Причина 2: Се навлегувате во умот на свиркачот што ја разоткри вистината
Франсис Хауген никогаш не сакала да го уништи Фејсбук, туку да го подобри. Затоа прво се обидува да издејствува промени одвнатре, но наидува на ѕид.
Првиот дел од филмот е насловен „Касандра“, според ликот од грчката митологија која секогаш ја говорела вистината, но никој не ѝ верувал. Истото ѝ се случува и на Хауген. Нејзините предупредувања за тоа што се случува на Фејсбук се покажуваат како оправдани, но никој не ги слуша.
Касандра, исто така, ја симболизира борбата низ која минува секој што разоткрива тајни: кога да проговорите, пред кого и колку сте подготвени да изгубите? Дури откако постојано наидува на рамнодушност во самата компанија, Хауген му се обраќа на новинарот Џеф Хорвиц, кого го толкува Џереми Ален Вајт.
Мајки Медисон воздржано ја прикажува внатрешната борба на Хауген. Како што се одвива филмот, се гледа како молчењето сè повеќе ја притиска.
Фактот што таа првично е прикажана како кревка личност не се совпаѓа целосно со вистинската Хауген, но и во филмот се чувствува како таа станува сè понестрплива и постепено се уверува себе си дека тоа е нејзината мисија.
Џереми Ален Вајт, од своја страна, ја претставува перспективата на новинарската темелност и тоа функционира. Тој повремено мора да „притисне на сопирачките“, бидејќи секој што сака да ја тужи „Мета“ мора да понуди нешто повеќе од само емотивна приказна. Потребни се цврсти докази и тоа по можност што е можно повеќе. Во исто време, тој сака да го заштити својот најважен извор, бидејќи ако Хауген се спротивстави на толку огромна корпорација, тоа може засекогаш да ѝ ги промени кариерата и животот.
Филмот никогаш не станува напнат во класична смисла на зборот, но тензичноста лежи во разговорите и сомнежите, а не во брканици или закани.
Причина 3: Приказна за психолошки експеримент, а не за технологијата
Џереми Стронг убедливо и реалистично го толкува шефот на „Мета“, Марк Закерберг, вклучително сè до начинот на говор и неговата социјална несмасност. Се провлекува и карикатуралан доза кога неговата канцеларија понекогаш потсетува на штаб на некој негативец од филмовите за Џејмс Бонд од 70-тите години на 20-от век.
Една од највпечатливите сцени се одвива за време на состанок на кој се поставува прашањето како Фејсбук треба да се справи со фактот дека неговиот алгоритам ги насочува корисниците кон поекстремни содржини.
Закерберг очигледно го мачи овој проблем, но на крајот сепак ја гледа платформата како обична огласна табла, каде што на луѓето им е дозволено да објавуваат речиси сè што сакаат, а не како психолошко оружје што поттикнува омраза и шири дезинформации.
Вработените што сакаат да го прилагодат алгоритмот се спречени во тоа, бидејќи само и еден отсто помал ангажман, значи дека 30 милиони луѓе ќе поминуваат помалку време прелистувајќи содржини на Фејсбук.
Се дискутира и за упадот во Капитолот, поттикнат делумно од групи на Фејсбук, преку кои претседателот Доналд Трамп испраќаше пораки во јавноста што дополнително ја разгоруваа ситуацијата.
„Дали ќе продолжиме да му дозволуваме да објавува?“, прашува еден вработен во „воената соба“.
„Тој е актуелен претседател“, промрморува Закерберг.
„Социјалното преиспитување“ се одвива во блиското минато, но прашањата остануваат актуелни. Денес, „Мета“ многу вложува во вештачката интелигенција и паметни очила што можат да видат и слушнат што доживувате. И повторно се појавува истата дилема. Колку една компанија смее да знае за нас и до каде може да оди во насочувањето на нашето однесување во замена за „позначајни“ искуства?

