Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, по првиот ден од дискусиите за повеќегодишниот буџет на Европската унија во Брисел, изјави дека разговорите биле продуктивни, но дека претстои уште многу работа.
„Да го задржиме високото ниво на амбиција – во однос на големината на буџетот, новите сопствени ресурси и, се разбира, временската рамка“, напиша Фон дер Лајен во објава на платформата X.
Фон дер Лајен нагласи дека сите земји-членки на ЕУ се свесни оти мора да се постигне договор за повеќегодишниот буџет.
Претходно, германскиот канцелар Фридрих Мерц синоќа изјави дека лидерите на ЕУ ќе се обидат да постигнат договор за следниот долгорочен буџет уште оваа година, иако денеска нема повторно да се состанат за да разговараат за ова прашање.
Мерц истакна дека првиот ден од разговорите меѓу лидерите на ЕУ во Брисел донел „нов пресврт“ кон намалување на предложената големина на следниот буџет – потег што го бараа Германија и други земји кои се нето-уплатувачи во финансиите на Унијата.
Лидерите ќе се обидат да постигнат буџетски договор за време на дводневниот самит што започнува на 17 декември, рече Мерц, како што пренесува Ројтерс. Вчера во Брисел започна дводневен самит на лидерите на Европската унија, посветен на долгорочниот буџет на Унијата за периодот 2028–2034 година, кој изнесува речиси 1,6 трилиони евра.
Францускиот претседател Емануел Макрон синоќа на самитот во Брисел предупреди дека Европската унија прави стратешка грешка со предложените кратења во нејзиниот иден буџет.
„Ќе се соочиме со пад на европските јавни инвестиции во споредба со Кина и Соединетите Држави“, истакна Макрон, според пишувањето на весникот Le Figaro.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, вчера претстави нов предлог за долгорочниот буџет на Европската унија (Повеќегодишна финансиска рамка – ПФР) за периодот 2028–2034 година. Предлогот вклучува намалување од 204 милијарди евра – приближно 10 отсто – во однос на првичниот предлог на Европската комисија (ЕК). Тој, исто така, воведува нови извори на приходи, вклучително и данок за големите дигитални компании, со цел да се обезбедат средства за приоритетите на Унијата, истовремено земајќи ги предвид националните придонеси на земјите-членки.
Фон дер Лајен: Претстои уште многу работа за усвојување на повеќегодишниот буџет на ЕУ

