Град Скопје изминатиов период на Водно реализираше активности за уредување на влезот кон жичарата, поставување ново детско катче и моторички парк, како и обнова на клупите, кантите за отпадоци и летниковците.
Како што стои во соопштението на Град Скопје, претходно бил поставен нов асфалт на патот кон Средно Водно, каде што за првпат било поставено и ЛЕД-осветлување.

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, посочи дека дополнително, изграден е и моторички парк, каде што децата низ игра на отворено можат да вежбаат рамнотежа и координација.

– За илјадници скопјани, Водно е дел од животот. Тука доаѓаме на прошетка по работниот ден, а за викенд тргнуваме по патеките со семејството и со пријателите. Затоа, за мене како градоначалник, заштитата на Водно и обновата на местата каде што скопјани се собираат и одмораат се меѓу најважните приоритети. Изминатиов период работевме на уредување влезот кон жичарата и изградивме ново детско катче. Денес, Водно го доби својот нов лик. Ги обновивме клупите, кантите за отпадоци и летниковците, а дрвените елементи ги освеживме со нова боја – посочи Ѓорѓиевски.

Ѓорѓиевски изрази благодарност до општествено одговорната компанија „Филип Морис“ за поддршката во уредувањето на овој простор.

