Со обидите да се поткопа Меѓународниот кривичен суд се поткопува меѓународниот правен поредок во целина, а тоа има последици врз сите нас, порача холандскиот премиер Роб Јетен во обраќањето пред Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Овој суд е основан за да нè заштити од неказнивост. Како може некој да биде против гонењето на најтешките злосторства? Постои само еден одговор, а тој гласи: тргнете ги рацете од Меѓународниот кривичен суд и од сите други институции што го штитат меѓународниот правен поредок“, истакна Јетен.
Според него, потребно е со сите сили да се застане во одбрана на мултилатералниот поредок.
„Меѓународното право или важи за сите или за никого“, заклучи Јетен.
Меѓународниот кривичен суд (МКС) гони поединци за геноцид и воени злосторства. Судот изминативе две години е изложен на критики од страна на американскиот претседател Доналд Трамп. Администрацијата на САД веќе воведе санкции кон некои од судиите на МКС, а во најава се казннени мерки и кон целиот Суд.
Повод за ваквите постапки на Трамп беше одлуката на Судот да издаде налог за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по обвиненија за воени злосторства поради користење на гладта како оружје и намерно насочување напад врз цивилното население, како и за злосторствата против човештвото поради убиства, прогон и други нехумани дејствија во периодот од најмалку 8 октомври 2023 година до најмалку 20 мај 2024 година.

