Тој на промоцијата на двата истражувачки труда, „Анализа на јавното мислење за пристапување на Северна Македонија во Европската Унија (2014 – 2025) и „Нови глобални неизвесности, стари европски обврски: Јавното мислење за пристапување во ЕУ во 2025“ во Собранието, изрази убедување дека иако анкетата покажала дека граѓаните сметаат оти надворешниот фактор е пречка за влез во Унијата, доколку се случи вантрешно обединување, ќе се надминат другите пречки.
– Ви гарантирам дека ако ова се случи, без оглед на тоа што граѓаните мислат дека има проблеми, пречките кон пристапувањето ќе се надминат. Не само дека треба веднаш да се постапи и не е само шанса што треба да се искористи, туку такво е и времето. Оваа и минатата година не можеме да ги споредиме со ситуациите пред пет-шест или четири години – рече Рокас нагласувајќи дека сега е прашање како да градиме партнерство, доверба и кому да му веруваме.
Изрази задоволство што, според анализата, ЕУ е партнерот со најголема доверба.
– Поголема е поддршката од младите. Многу е важно што и младите ја поддржуваат, односно младите покажуваат дека тоа е иднината. Сите се „за“ ЕУ. Забележуваме дека граѓаните ги одразуваат и приоритетите на планот за раст на ЕУ и агендата за реформи, поточно заштитата на животната средина, но и реформите на судството и борбата против корупцијата – истакна Рокас.
Според него, голем поттик е што Европската Унија и понатаму е партнер од доверба на земјата, економски партнер и главен донатор.




