
Оттогаш, таа не може да патува во Иран, но не се чувствува безбедно ниту во Германија. Добивала заканувачки пораки, вели таа. Членовите на нејзиното семејство во Иран биле испрашувани за неа. „Тогаш сфатив дека се обидуваат да ме скршат, да ме натераат да се откажам“, вели 44-годишната жена.
Растечкиот тренд на агресивни дејствија од страна на странски режими
Безбедносните служби ги евидентираат сè поагресивните дејствија на автократските режими во Германија, не само на иранскиот. Критичарите се заплашуваат, следат, па дури и убиваат.
Федералната канцеларија за криминална полиција (BKA) изјави за германскиот јавен радиодифузен сервис ARD: „Општо земено, во Германија, како и во странство, во последните години се забележува порешителна акција од страна на странските разузнавачки служби“.
Федералната канцеларија за заштита на уставниот поредок вели дека има „зголемување на пријавените случаи“ поврзани со одредени режими. Канцеларијата за криминалистичка полиција на Берлин соопшти дека сè повеќе луѓе имаат потреба од лична безбедност: „Тука има постојан пораст“.
Транснационалната репресија како растечка закана
Политикологот Маркус Михаелсен од „Citizen Lab“ на Универзитетот во Торонто се занимава со феноменот на транснационална репресија, т.е. дејствијата на автократските режими против нивните противници во странство. Тој разговараше и со бројни жртви во Германија, а неодамна ги презентираше резултатите во Бундестагот.
Неговото истражување покажува дека Иран не е исклучок: „Во последните десет години, најмалку 18 земји им се заканувале на своите граѓани во Германија или на членовите на нивната дијаспора, следејќи ги со разни методи и вршејќи притисок“.
Широк спектар на методи за заплашување
Спектарот на методи се движи од сајбер напади, заканувачки пораки и обиди за регрутирање, до заплашување на членови на семејството во нивната татковина и надзор, па сè до физичко насилство. Најпознатиот случај е убиството на Зелимхан Кангошвили, Грузиец од чеченско потекло, во Берлин во 2019 година – како што подоцна утврди судот, по наредба на руската тајна служба.
Во коалицискиот договор, германската влада вети дека ќе дејствува порешително против транснационалната репресија. Што е постигнато? Министерството за внатрешни работи тврди дека координацијата меѓу одделите е зајакната и дека контактот со засегнатите е интензивиран.
Недоволна поддршка за жртвите на репресија
Според истражувањето на новинарите на ARD, координативни служби задолжени за прашањето на транснационалната репресија беа формирани и во Министерството за внатрешни работи и во Министерството за надворешни работи.
Сепак, многу од погодените сè уште се чувствуваат оставени на цедило. Неколку невладини организации ја формираа Коалицијата против транснационална репресија за да се залагаат за подобра заштита на жртвите.
Египетската новинарка Басма Мостафа самата доживеала ваков вид репресија: „Имаме многу случаи каде што луѓето се обраќаат до безбедносните служби, а потоа ништо не се случува. Јас самата честопати чувствував дека не ме сфаќаат доволно сериозно.“

Транснационална репресија како дел од хибридната војна
Во Федералната служба за заштита на уставниот поредок постои посебна антитерористичка телефонска линија со која можат да контактираат и жртви на транснационална репресија. Но, многу дисиденти, новинари и активисти имале лоши искуства, а самиот факт што треба да контактираат со разузнавачките служби предизвикува страв кај многумина поради трауматските искуства од нивната татковина.
Повикува на построга легислатива
Политичарот од Христијанско-демократската унија (CDU), Родерих Кизеветер, го критикува одложувањето: „Сакам оваа коалиција силно да се справи со оваа тема во следните три години, бидејќи тоа е дел од хибридното војување, а начинот на кој непријателските држави вршат неправда на наша почва е неприфатлив“.
Државниот секретар во Министерството за правда, Франк Швабе, најавува измени во законот. Кривичниот законик треба да се заостри за да се гони транснационалната репресија построго дури и во поблаги случаи.
„Имаме странски служби кои токму сега, во овој момент, шетаат низ Германија, заплашувајќи луѓе и поткопувајќи го нашиот правен поредок. Мораме побрзо да одговориме на тоа“, вели Швабе.
Правни промени и идни предизвици
Бундестагот треба да одлучи за измени на Кривичниот законик. Член 87а сега ќе гласи: „Секој што ќе прифати наредба од државен орган на странска сила и со тоа ќе стори намерно незаконско дело во Сојузна Република Германија, ќе се казни со затвор до пет години или со парична казна, освен ако за делото не е предвидена построга казна. Истото важи и за секој што ќе издаде таква наредба.“
Марјам Пализбан очекува репресијата на иранскиот режим повторно да се зголеми во наредните недели. Така било отсекогаш, вели таа: кога ситуацијата во Иран се чини дека се смирува по големите протести, погледот на режимот се насочува кон странство, каде што критичарите и активистите се прогонувани.
Иранската амбасада во Германија ги отфрла сите обвинувања. Но, берлинската покраинска криминална служба ја потврдува проценката на Пализбана: „Мораме да сметаме на тоа дека бројот на случаи на транснационална репресија поврзана со Иран повторно ќе се зголеми во наредните недели“.
DW




