дома Македонија Црна хроника Мајка и нејзиното дете загинаа по пад од шести кат во комплексот...

Мајка и нејзиното дете загинаа по пад од шести кат во комплексот „Алумина“ во Карпош

Вчерашната смрт на мајка и ќерка во Тафталиџе, длабоко ја потресе јавноста. Истрагата е во тек и институциите сè уште не соопштуваат детали за настанот. Но едно прашање веќе се наметнува: ако претходно било пријавувано насилство, дали системот направил доволно?

Неколку полициски возила и екипа на обвинителството се уште вршат увид во зградата во скопски Карпош, во комплексот „Алумина“, каде жена и дете го загубија животот по пад од балкон.

Според првичните информации, околу 14 часот на булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, жената и детето паднале од балкон на шести кат од зградата. На местото веднаш пристигнала екипа на Итната медицинска помош, која констатирала смрт кај двете лица.

Засега мотивот   не е соопштен, а од надлежните институции најавуваат повеќе информации по завршувањето на истрагата.

Најблиските алудираат на семејно наследство и институционална заспаност.

Сепак, што треба да се случи кога има пријава за семејно насилство?

Во теорија, постапката е јасна: по пријава во МВР, полицијата треба да процени ризик, да преземе заштитни мерки и да го извести обвинителството.

Центарот за социјална работа треба да изготви проценка, да предложи мерки за заштита и да обезбеди поддршка за жртвата. Судот може да изрече привремени забрани и други мерки за безбедност. На хартија, механизмите постојат. Прашањето е дали функционираат навремено и координирано?

Преку објава на социјалните мрежи нејзиниот брат изнесе тврдења дека трагедијата е резултат на долгогодишни институционални пропусти. Во објавата тој наведува дека претходно биле пријавувани случаи на семејно насилство, физичко и психичко малтретирање, закани, како и сериозни инциденти во државна институција, но според него, надлежните органи не реагирале соодветно.

„Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата“, напиша Александар Стојановски.

„Државата овозможи да згаснат млади животи. Никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа“, наведува тој.

ПредходнаСо првите летови од Дубаи се евакуирани патниците затекнати во транзит зоните, се разгледува евакуација на македонските државјани
СледнаПосебен сообраќаен режим во центарот на Скопје поради посетата на Марк Руте