Полициските службеници врз проценка на ризик ќе можат на лице место да изречат итна мерка односно да го отстранат сторителот на семејно насилство од домот и да му забранат контакт со жртвата.
Ова ќе биде измена во Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство што денеска ја најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
– Оваа мерка се изрекува веднаш, без согласност од жртвата, може да трае до 48 часа, а потоа Судот ја потврдува, укинува или продолжува до 30 дена, мерка согласно Истанбулската Конвенција. Паралелно со законските измени работиме да обезбедиме „боди-камери“ за полициските службеници затоа што во вакви постапки не е доволно само навремено да се интервенира, туку и поддеднакво е важно точно да се документира што се се затекнало на лице место, како постапила полицијата и каква фактичка состојба има при интервенција. Во пракса, токму тука најчесто се отвора простор за различни толкувања или релативизирање на тоа што се случило, рече Тошковски на надзорната расправа во Собранието.
Информира дека во периодот од 2018 до 2025 година се регистрирани над 44.700 случаи со елементи на семејно насилство што практично значи дека институциите во просек секој еден ден добиваат околу 15 сигнали.
– Ова е проблем што со години бил јасно видлив и во институционалната пракса, но и во статистиката и предолго се третирал фрагментирано со задоцнета реакција и без суштинска координација меѓу институциите. Во таа статистика има и 42 убиства, 24 убиства во обид и 192 тешки телесни повреди. Ова не е проблем што е создаден вчера, ова е проблем што со години се таложел во системот што предолго реагирал откако насилството ќе ескалира, наместо тогаш кога првите сигнали јасно покажувале зголемен ризик. Да се затворале овие слабости порано, денес ќе имаше помалку простор жртвата да се изгуби во институционалните лавиринти, речеТошковски.




