Универзална сала, еден од симболите на Скопје, повторно почна да се реконструира. Треба да биде готова до следната година, а реконструкцијата ќе чини околу 20 милиони евра.
Надлежните уверуваат дека ќе биде задржан автентичниот изглед и дека таа ќе биде готова со цел да биде дел од Скопје – европска престолнина на културата во 2028 година.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков тврди дека се надминати правните и административни пречки од минатото.
Инвеститор е Министерството за култура, а реконструкцијата нема да се одвива во фази како во минатото, туку по принципот клуч на рака.
– Завршувањето на реконструкцијата е планирано до декември 2027 година, и конечно, скопјани повторно ќе имаат еден спомен што го имале во минатото, за животот на културата во Скопје, изјави т Љутков кој денеска беше на лице место заедно со премиерот Христијан Мицкоски и со градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
Љутков тврди дека по пожарот во 2024 година направени се неколку испитувања на конструкцијата од страна на Михаил Гаревски и дека нема никаква опасност врз челичната конструкција на објектот.
– Според експертизата останува истата челична конструкција, бидејќи по пожарот не е оштетена, но има дополнителни мали измени на две-три позиции, рече Љутков.
При реконструкцијата ќе бидат задржани ликот и структурата на објектот, а мали измени ќе има на влезот, во делот на сценската технологија и хидраулика и звучната изолација.




