Скопје денеска по 11-ти пат се приклучува на глобалното движење „The Distinguished Gentleman’s Ride“. Низ улиците на главниот град како и секоја година ќе продефилираат 220 урбани моторџии со цел да ја подигнат свеста за машкото здравје и борбата против ракот на простата.
Оваа традиција во Македонија ја донесоа двајца ентизијасти Игор Стефановски и Благоја Петровски. Велат да се биде дел од едно вакво глобално движење е чест, но и обврска.
Скопје веќе 11 години е дел од ова глобално движење кое започна во 2012 година во Сиднеј кога Марк Хава облечен во фин машки костим одлучи да продефилира низ улиците на градот во чест на негов пријател кој починал од рак на простата.
Настанот се организира секоја година во втората половина од мај според одредени правила, а учесниците мора да бидат облечени во елегантен дрес код – со вратоврска, костим и кацига.
Собраните донации секоја година се уплтуваат на сметка на фондацијата „Мовембер“ во Лондон, од каде потоа се распределуваат кон болници и институции кои се борат за подобрување на машкото здравје и заштита од рак на простатата
На глобално ниво, во изминативе години за борба против ракот на простата, се собрани повеќе од 60.5 милиони долари. На движењето досега се приклучија над 340.000 учесници во повеќе од 121 држави и 1070 градови во светот. Скопското издание има свој придонес кон ова движење и досега донираше повеќе од 24,000 долари.




