Лондонската метрополитенска полиција ја проширува употребата на технологија за препознавање лица во реално време, за која властите велат дека веќе довела до апсење на околу 2.500 барани лица од почетокот на 2024 година , вклучувајќи осомничени за сериозни кривични дела како силување, грабеж и напад, објави Ројтерс.
Технологијата ги претвора лицата во биометриски податоци и ги споредува со фотографии од барани лица, главно земени од полициските архиви. Според полицијата, сликите од обичните CCTV камери не се доволно точни за да се користат во системот.
Шефот на програмата за препознавање лица на Метрополитенската полиција, Линдзи Чизвик, го опиша ефектот на технологијата како „револуционерен“ за полициското работење во Лондон.
Таа даде пример за случај во кој осуден педофил бил препознаен додека одел по улицата држејќи ја раката на осумгодишно девојче.
„Никогаш не требаше да биде сам со мало девојче. Како резултат на тоа, сега е повторно во затвор“, рече Чизвик.
Велика Британија долго време е меѓу земјите со најширока употреба на видео надзор на јавни места. Лондончани можат да бидат снимани стотици пати на ден додека се движат низ градот.
Земјата сега станува и еден од европските лидери во употребата на препознавање лица во полициската работа.
Метрополитенската полиција вели дека технологијата е исклучително прецизна. Според Чизвик, од повеќе од 3 милиони скенирани лица за една година, системот дал само 10 лажни аларми, при што ниту едно лице не е погрешно уапсено.
Сепак, технологијата предизвика силни критики од групите за граѓански слободи, кои велат дека масовното скенирање на минувачите го поткопува принципот на невиност сè додека не се докаже вината и го претвора секој граѓанин во потенцијален осомничен.
Организацијата „Биг Брадер Воч“ предупреди дека ваквите системи би можеле да го нормализираат масовниот надзор на јавни места.
Употребата на технологијата за време на антиимиграцискиот протест во центарот на Лондон минатата недела – првпат се користеше препознавање на лица за време на демонстрации – предизвика особено жестока реакција .
„Ризикуваме да станеме нација на осомничени, следени од моментот кога ќе ги напуштиме нашите домови“, рече претставничката на „Big Brother Watch“, Џаслин Чагар.
Минатиот месец, Високиот суд на Англија и Велс го отфрли правното оспорување на употребата на технологијата, пресудувајќи дека таа е легална. Во меѓувреме, британската влада подготвува нова законска рамка за нејзина употреба.




