Покрај Дејвид Гета, дел од прославата за 35 години независност ќе биде и шпанскиот тенор Хозе Карерас. Тој заедно со македонските музички ѕвезди ќе настапи на 1 септември на плоштадот Македонија.
Концептот на концертот ќе биде таков што прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, а потоа Хосе Карерас.
Ќе настапат Влатко Стефановски, Каролина Гочева, Калиопи, Сузана Спасовска, Наум Петрески, Игор Дурловски и Ана Дурловски. Целиот концерт ќе го придружува оркестарот на Филхармонијата. Поканети биле и Владо Јаневски и Симон Трпчески, но морале да откажат поради претходно договорени обврски.
– Со мојот пријател и долгогодишен соработник Николче Мицевски две години разговараме за овој проект и време е сега да се реализира. Концептот на концертот е таков што прво ќе настапат македонските изведувачи со по неколку песни, па после тоа Хосе Карерас. Ќе има и многу изненадувања таа вечер, кои нема да бидат соопштени сега, изјави Бобан Милошески од „Авалон продукција“.
Портпаролката на Владата Марија Митева рече дека Владата се подготвува за сериозно и достоинствено одбележување на овој голем јубилеј за државата.
– Како Влада покажуваме дека навистина сакаме граѓаните да уживаат и достоинствено заедно со музичките великани да покажеме дека Македонија има капацитет да организира настани за меѓународни ѕвезди, рече Митева.
Аранжманите на песните ги подготвува Николче Мицевски, а на концертот на 1 септември ќе диригира шпанецот Давид Хименес Карерас.




