Руските разузнавачки служби ги засилија своите напори за кражба на западната технологија и одбранбени тајни, бидејќи санкциите сè повеќе ја ограничуваат воената економија на земјата.

Ова го објави АП, повикувајќи се на тројца високи претставници на европските разузнавачки служби.
Четири години заострени меѓународни санкции значително ја ограничија можноста на Москва да купува европска опрема, технологија и истражување. Во исто време, војната на Русија во Украина врши зголемен притисок врз клучните индустрии и ја турка земјата кон потенцијална финансиска криза .
„Тие навистина знаат што им треба“ и вложуваат „сериозни напори“ за да се здобијат со модерни машински алати, фабричка опрема, научни истражувања и технологии со двојна намена, изјави Кристофер Веделин, заменик-шеф на операциите во Шведската служба за безбедност.
Според Веделин, Русија го насочила своето внимание кон шведската одбранбена индустрија и програмите за истражување на оружје, вклучително и работата поврзана со борбениот авион Saab JAS 39 Gripen.
Москва, исто така, бара технологии за камери и ласерски технологии првично развиени за цивилни цели, кои би можеле да се интегрираат во руските системи за оружје.
Според Јуха Мартелиус, Русија се обидува да стекне и технологии што би ѝ овозможиле да биде во чекор со Западот – или дури и да добие предност над него – во наредните децении.
„ Станува збор за вселенска технологија, квантна… арктичка технологија, морска технологија “, рече тој, додавајќи дека вселенската технологија е нешто што на Русија ѝ е потребно „итно“, без да дава дополнителни детали. Земјите ги користат таквите технологии за сателитско мапирање, комуникации и навигација.
Мартелиус, исто така, истакна дека Русија бара компјутерска технологија која е предмет на санкции, како и ажурирања на софтверот за машини за обработка на метали.
Веделин предупреди дека како што мрежите за снабдување стануваат сè посложени, западните компании треба да бидат посвесни дека несвесно би можеле да станат дел од рускиот синџир на снабдување во воено време.
„Сите руски безбедносни и разузнавачки служби ги поддржуваат напорите на државата да го постигне ова. Тие повеќе не се толку загрижени за потенцијалното разоткривање на нивните постапки, па затоа преземаат поголеми ризици за да ги постигнат своите цели“, рече тој.
Во среда, Ен Кист-Батлер, шефицата на британската разузнавачка агенција, ја обвини Русија за „малтретирање“ на Обединетото Кралство и нејзините европски сојузници преку кражба на технологија, саботажни заговори и планови за атентат.
Русија, исто така, спроведува кибернапади врз европски компании и критична инфраструктура за да собере информации што би можеле да се користат кога ќе се појават соодветни можности и кога тоа одговара на целите на Москва, рече Веделин.
Сè поагресивните тактики може да одразуваат растечка загриженост во Русија за состојбата на нејзината економија, според Каупо Росин, шеф на естонската служба за надворешно разузнавање.
Росин рече дека проценките на разузнавањето сугерираат дека расположението меѓу руските претставници се влошило во текот на изминатите шест месеци, додека реториката за „тотална победа“ во Украина во голема мера исчезнала. Според разузнавачките извештаи што ги цитира Росин, многу руски претставници приватно прашуваат: „За што се работи?“ поради недостатокот на значителен напредок на бојното поле и растечките економски тешкотии.




